На денешната седница на Владата на Република Македонија, на предлог на Министерството за здравство, беа донесени дополнителни препораки за заштита на населението од високите температури, поради најавата од Управата за хидрометеоролошки работи за температури од портокалова фаза во вкупно три од шест региони низ државата во текот на
утрешниот ден, како и високи температури низ целата држава кои траат континуирано изминатиот период.
Владата донесе препорака за ослободување од работните обврски на сите лица кои работат со скратено работно време поради здравствени причини.
Воедно, се препорачува да се избегнува вршење градежни работи на отворено во периодот од 11 – 17 часот (за еден час подолго од досегашната мерка која се однесуваше на периодот од 12 – 17 часот).
Со цел заштита на ранливите групи на население, Владата донесе препорака за поактивен пристап на надлежните служби (Министерство за труд и социјална политика, локална самоуправа, Црвен крст) кон ранливите групи, како што се: бездомници, деца на улица, осамени лица, и сл. Овие служби со координиран пристап потребно е да ги детектираат осамените, изнемоштени лица, да им пружат неопходна помош од храна и вода за пиење, додека за бездомниците и
деца на улица да се обезбедат климатизирани простории каде ќе престојуваат во текот на најтоплиот дел од денот (11 – 17 часот).
Исто така, продолжуваат да важат препораките за ослободување од работни обврски на бремените жени и хронично болните лица постари од 60 години.
За населението и понатаму важат општите препораки за заштита од високите температури, согласно Акцискиот план за заштита од топлотни бранови:
– Во текот на екстремно топли денови, се препорачува престој во затворени климатизирани простории, а при неопходен престој на отворено, да се овозможат почести одмори под сенка.
– Да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце и заштитни очила и капа. При сончање се препорачува да се користи крема со висок заштитен фактор.
– Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна.
– Да се внесуваат големи количества течности (најдобро обична вода за пиење), а да се избегнуваат алкохолните пијалаци.
– При влегување во возило, потребно е одреден период да се проветри возилото.
Со цел заштита на здравјето на ранливите групи на население, се препорачува хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија, во консултација со матичните лекари.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труења со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува задолжително миење на земјоделско-градинарските производи (свеж зеленчук и овошје) пред нивната
употреба, како и термичка подготовка на храната и нејзино консумирање во многу кус рок по подготовката (доколку тоа не се направи, подготвената храна да се стави во фрижидер на + 8 степени, а пред употреба истата да се загрее на + 100 степени).
Се препорачува да се избегнува консумирање производи кои не се термички обработени, како мајонези од домашни јајца, а
внимателно да се консумира сладолед и разни кремови.
Во текот на летниот период, во сите градови низ државата во соработка со
здравствените домови се поставени пунктови за превентивни препораки и
совети за заштита од високите температури. Пунктовите функционираат секој
ден во периодот од 18:30 до 21:30 часот. На пунктовите се врши мерење на
крвен притисок и се даваат совети за превенција од топлото време и за здрав
начин на живот.