Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ е ветен и предвиден проект со кој што на оние граѓани кои што немаат доволно средства за да платат проект за градба на куќа, ќе им се обезбеди нацртани типски проекти направени од архитекти кои што на граѓаните ќе им бидат доделени бесплатно.
-Во изминатиот период вршевме подготовка за овој проект и веќе Министерството за транспорт е во самиот финиш на завршување на проектот. Очекувам некаде во текот на оваа или наредната недела Министерството за транспорт да излезе со готови проекти. Тие речиси ги завршија 6 типски проекти за куќи од 60, 80, 100, 120, 150 и од 180 квадрати, а тоа се готови, завршени проекти за градба на куќа, истакна премиерот Никола Груевски за време на денешната посета на село Бардовци и населба Злокуќани.
Кога овие проекти би ги правеле самите граѓани, додаде премиерот, би ги чинеле околу 1000-2000 евра.
– Реализација на овој проект кој го имаме ветено, започнува во наредните 5-10 дена и на секој граѓанин кој што не сака да плаќа проект за градба на куќа, а сака да земе таков проект кој што е типски направен, ќе му заштедиме помеѓу 1000-2000 евра, подвлече Груевски.
Тој истакна дека овој проект и наскоро официјално ќе биде објавен и граѓаните ќе можат во Министерството за транспорт и врски да го подигнат. Предвидено е граѓаните да можат проектот да го подигнат и преку Интернет.