Основачот и извршен директор на Фејсбук Марк Цукербер објави информација дека ќе земе два месеци „породилно отсуство“ откако ќе се породи неговата сопруга Присила Ченг.
Како што оценува „Ројтерс“, со ова еден од најзафатените и најмоќните американски директори испрати силна порака за важноста на посветувањето време на семејството.
Цукерберг и неговата сопруга Присила Чен во јули објавија во јавноста дека очекуваат бебе, а постот за тоа дека и тој самиот ќе оди на породилно отсуство, шефот на Фејсбук ја стави заедно со фотографијата на бебешка количка и своето киуче кое се вика Ѕвер.
– Присила и јас почнуваме да се подготвуваме за раѓањето на нашата ќерка. И ги одбираме омилените книги и играчки од детството и размислуваме како ќе го поминеме првиот месец по раѓањето на бебето. Тоа е многу лична одлука, одлучив да земам два месеци породилно отсуство кога нашата ќерка ќе се роди. Истражувањата покажуваат дека, кога вработените родители ќе земат време да бидат со своето новороденче, резултатите се подобри и за децата и за семејствата – навел Цукерберг.
Најверојатно во текот на отсуството во управувањето на популарната социјална мрежа ќе го заменува Шерил Сендберг, која инаку е задолжена за огласување на Фејсбук.
Компанијата на Цукерберг инаку им овозможува на своите вработени во САД да земаат до четири месеци платено породилно отсуство кое можат да го распределат како што сакаат во текот на годината по раѓањето на детето. Сепак, многу вработени не го искористуваат тоа поради стравот да не заостанат со работата или да го пропуштат унапредувањето.