Генералното обвинителство на Русија ги прогласи за непожелни фондацијата „Отворено општество“ (Фондација Сорос) и фондацијата „Содејствие“ (Соработка), соопшти претставникот на институцијата за надзор Марина Гридњова, пренесува Руска реч на македонски.
Според нејзините зборови, одлуката била донесена по обраќањето на Советот на Федерацијата до генералниот обвинител Јуриј Чајка со барање да се проверат организациите вклучени во таканаречената стоп-листа. Во текот на проверката било утврдено дека дејноста на фондациите претставува закана за основите на уставното уредување на Русија.
На почетокот на јули Советот на Федерацијата на РФ по иницијатива на комитетот за меѓународни работи состави список со непожелни невладини организации, во кој се најдоа 12 организации: Фондацијата Сорос, Националниот фонд за демократија (NED), Меѓународниот републикански институт (IRI) и други.
Законот за непожелни странски организации беше потпишан од претседателот на РФ Владимир Путин на 23 мај оваа година. Тој предвидува доделување на статусот непожелни на странски невладини организации доколку тие ги загрозуваат основите на уставното уредување на земјата, нејзината одбранбена способност или безбедност. Статус на непожелна организација може да го доделува Генералното обвинителство во договор со МВР Русија. Прва организација која беше ставена на листата со непожелни е Националниот фонд за поддршка на демократијата (The National Endowment for Democracy).
Фондацијата „Сорос“ работи во 30 земји во светот. Во Русија беше активна од 1995 до 2003 година. Во текот на тој период организацијата додели грантови над 1 милијарда долари на учители, професори и студенти – вкупно над 64,5 илјади луѓе. Во моментов во Русија продолжуваат со работа организациите формирани со поддршка на фондацијата: Московската висока школа за социјални и економски науки, фондацијата за култура и „Институт ПРО АРТЕ“ и Пушкинската библиотека.