Холивудскиот актер Џони Деп, гостувајќи неодамна во емисијата на Греам Нортон на „Би-би-си“, отворено зборувал за болеста на својата ќерка како и за најтешкиот период во својот живот. Зборувајќи за тоа, Деп се расплакал.
– Сум се соочувал со мрак во својот живот, но тоа беше најмрачниот период – рекол актерот присетувајќи се на времето кога неговата ќерка Лили Роуз Мелоди се борела со тешката инфекција која за малку ќе ја чинела живот.
Инфекцијата била предизвикана од бактеријата ешерихија коли, а болеста малата Лили ја добила во 2007 година.
Тешките моменти што ги доживеал се една од главните причини поради кои Деп денес во костимот на капетанот Џек од филмскиот серијал „Пиратите од Кариби“ ги обиколува детските болници ширум Америка, Австралија, Европа.
– И порано одев во такви посети, но тие по случката со ќерка ми станаа се позначајни и позначајни. Децатасе , нека се благословени, толку силни, толку храбри, но родителите се оние кои полека умираат. И доколку им донесам мала насмевка, мала радост, тоа мене ми значи се на светот – истакнал Деп.