Под најпознатата слика на славниот италијански мајстор Леонардо Давинчи – „Мона Лиза“, или позната и како „Џаконда“, откриен е уште еден портрет, тврди францускиот научник Паскал Кот.
Паскал Кот, при истражувањето на една од најмистериозните слики во историјата, користел уникатна фотокамера и потрошил повеќе од десет години на анализата на добиените податоци, пренесува во вторникот британскиот јавен сервис BBC.
Според него, анализата на ремек-делото на Давинчи дала неочекувани резултати, бидејќи тој нашол цртеж на уште една жена, којашто седи во истата поза како Мона Лиза
Реконструкцијата којашто ја направил Кот покажува уште еден портрет, на којшто моделот гледа настрана, и таа нема ништо заедничко со директниот загадочен поглед од платното изложено во парискиот музеј Лувр. Покрај тоа, на сокриената слика ја нема и загадочната насмевка којашто ги интригира љубителите на уметноста и научниците повеќе од пет векови, се наведува во написот.
„Кога ја завршив реконструкцијата на сликата на Лиза Герардини (Џаконда, едно од имињата под кои е позната Мона Лиза – з.р.), пред мене се појави ликот на една жена која воопшто не изгледа како на сите познатата Мона Лиза“, вели Кот.
Во изминатите пет децении портретот „Мона Лиза“ беше подвргнат на многу различни научни испитувања. При последните беа употребени и ифрацрвено и миултиспектрално скенирање. Паскал Кот, пак, тврди дека неговата опрема може да го испита платното многу подлабоко.
„Сега можеме прецизно да анализираме што точно се случува во внатрешните слоеви на боите и да ги ‘симнуваме’ слоевите на сликата. Можеме да ја реконструираме хронологијата на создавањето на платното“, тврди Кот.
Сепак, некои научници не се согласни со заклучоците на францускиот научник. Некои од нив велат дека искуството на овој историчар на уметноста претставува „откритие на векот“ и сега треба да се збогуваме со познатата „Џаконда“, други, пак, сметаат дека „Мона Лиза“ засекогаш ќе остане „Мона Лиза“.
Од Лувр одбиле да го коментираат тврдењето на Паскал Кот.
Професорот на историја на уметноста од универзитетот Оксфорд, Мартин Кемп, признава дека истражувањето на францускиот научник е оригинално и е од интерес во изучувањето на фазите од работата на Давинчи. Меѓутоа, хипотезата за сосема други портрет, сокриен под слоевите боја, нема доволно основа, смета Кемп.
„Не сметам дека сликата содржи некакви скриени елементи, кои претставуваат друг портрет. Повеќе го гледам тоа како, повеќе ли помалку, како единствен и континуиран процес на еволуцијата на еден портрет“, додава Британецот.