Во интервју за порталот Прес 24, премиерот Никола Груевски, зборува за актуелните политички состојби во земјава, а меѓу другото објаснува и како тој лично ги доживува случувањата во земјата, а и зборува за своето здравје.
Прес 24: Премиере неколку месеци после бомбите, епилог Пржински договор, мислење дека премногу попуштивте, стоите добро, но прво како се чувствувате лично?
Груевски: Ме фативте неспремен за ова прашање. Обично ретко кој прашува како се чувствувам, веројатно луѓето брзаат да го соопштат проблемот со кој се соочуваат, а сигурно ги имаат доста, и разбирливо, ретко кој да праша како сум, и затоа ме затековте со прашањето.
Прво, со здравјето сум одлично, и освен некоја настинка и синусите со кои се малтретирам повремено, генерално фала му на Бога добро сум. Моето семејство исто така.
И тоа е најважно кога еден човек го прашувате како е. Но, кога на еден политичар што помина низ еден вака бурен период му го поставувате ова прашање, секако може да следи и дообјаснување на сето она што го чувствува и низ што поминал.
Поминав и јас лично, моите најблиски низ еден сериозен, доста бурен и навистина тежок период во кој бевме под напад на една темпирана и однапред осмислена кампања за лична дискредитација, кампања која имаше цел да го урне Никола Груевски од позицијата премиер, да ги дестабилизира институциите на државата, да внесе немир, силна поделба, омраза, набој во македонското општество, посебно во делот меѓу етничките Македонци.
Сето тоа се прекршуваше и се прекршува на мој грб, но не само на мој, и на грбот на моите соработници, на моето семејство, кои се предмет на гнасна кампања, но и на грбот на народот, по улиците, во дуќанчињата, меѓу соседите, роднините, пријателите…
Луѓе меѓусебно се обвинуваат, честопати без посебни аргумент, од оваа или онаа страна, тензии имаше на секој чекор, но народот ја виде ова игра, и одолеа, барем засега на сите провокации. Знам дека и во иднина ќе има провокации, но знам и дека нашиот народ досега поминал многу и знае многу добро што се случува и која е целта.
Јас сум благодарен на нашиот народ, што покрај сите обиди, на крај остана со ладна глава и мудро постапуваше во клучни момент, и сум длабоко благодарен и тоа навистина нема да дозволам да се изневери, а тоа е големата поддршка која ја имаме и покрај сета ова гнасна кампања.
Целото интервју на Прес 24 – ОВДЕ.