Обвинителството на турската престолнина Анкара започна истрага против пратеникот од Републиканската народна партија (CHP) Ерен Ердем, откако тој во интервју за руската телевизија на англиски јазик RT изјави дека во турскиот парламент предал докази дека е забошотена истрага во врска со пренесување сарин кој се користи за производство на хемиско оружје, за џихадистичката организација Исламска држава (IS) во Сирија, преку територијата на Турција.
Како што пренесуваат турските медиуми, правосудните органи го осомничиле опозицискиот пратеник Ерен Ердем за предавство. Може да му биде одземен пратеничкиот имунитет.
Ердем претходно на 10-ти декември во турскиот парламент претстави материјали за кои тврди дека се докази за испораки на саринот од Турција во Сирија.
Во интервјуто тој тврдеше и дека и во Турција и на Западот ги знаат виновниците за хемиските напади изведени во Сирија во летото 2013 година, за кои беше обвинет сирискиот претседател Башар ал-Асад, и за малку беше избегната воздушна операција слична на онаа во Либија со којашто две години претходно беше соборен либискиот автократ Моамер ел-Гадафи.
„Материјалите за хемиското оружје биле увезени во Турција, а потоа префрлени во камп на Исламската држава во Сирија, чии членови во тоа време тогаш уште биле припадници Ал Каеда во Ирак“, рече Ердем за RT.
„Поседуваме докази што го потврдуваат тоа. Обвинителството започнало истрага, во чии рамки се уапсени лицата кои во тоа учествувале. Една седмица потоа, случајот бил префрлен на друг обвинител, и сите уапсени биле ослободени. Тие побегнаа преку турско-сириската граница“, рече Ердем според кој саринот потекнувал од лабораторија во западна Европа.
Како одговор на истрагата против Ердем, на социјалната мрежа Twitter се појави хаштагот #ErenErdemYouAreNotAlone.