Еден час работа во Македонија во просек се плаќа две евра, во Европа со највисоки саатници, 48,3 евра, се Норвежаните, во ЕУ просечната цена на еден час труд изнесува 23,4 евра, а во нејзини рамки најмалку платени се Бугарите, кои еден час работат за 3,7 евра
Македонец кој прима просечна плата секој час на работното место заработува по две евра. Во декември лани просечната плата во Македонија изнесувала 21.500 денари. односно 349,6 евра.
Со таа цена трудот на македонскиот работник е најмалку платен во Европа.
Ако се суди според примањата, најсреќни во Европа треба да бидат норвешките работници, кои за еден час заработуваат цели 48,3 евра. Нивната позиција меѓу работниците во земјите на ЕУ ја имаат Швеѓаните, кои за еден ден спечалуваат цела македонска просечна плата. Во Шведска еден час работа во 2012 година во просек се плаќал по 39 евра.
За еден ден и неколку часа работа месечна македонска плата заработуваат и Германците, Холанѓаните, Белгијците и Данците, кои според Евростат, имаат саатници од 30 до 38 евра. Овие земји ја креваат цената на час труд во Унијата, која изнесува 23,4 евра, додека малку под тој просек се Британците. Најблиску до нас се Бугарите, кои еден час работат за 3,7 евра и тоа е најниската саатница во ЕУ. Летонците, на пример, се платени 5,6 евра, а Хрватите четири пати повеќе од нас.
Во регионот за многу малку, само за два евроценти, односно за 12 денари ни бегаат Србите, а според расположливите податоци, во Босна и Херцеговина за еден час работа во просек се плаќаат 3,5 евра.