Пред точно 30 години, ноќта меѓу 25 и 26 април 1986 година во атомската централа Чернобил во близина на гратчето Припјат, се случи најтешката нуклеарна катастрофа во историјата.
Еден од реакторите на нуклеарната централа „Владимир Илич Ленин“ експлодира. На лице место настрадаа 31 човек, од озрачената територија беа евакуирани повеќе од 100.000 луѓе, а радиоактивниот облак во деновите кои следеа прекри значителен дел од Европа.
Покрај Советскиот Сојуз, изложени беа и Полска, Бугарија, Германија, Шведска, Швајцарија, Белгија, Холандија, Велика Британија, Финска, СФР Југославија, Романија, Австрија, а радиоактивната прашина зафати и подрачја од источниот дел на САД.
Според податоците на министерството за здравство на Украина, како последица на чернобилската катастрофа, под медицински надзор се наоѓаат два милиони луѓе, а проценуваат дека од последиците на радијацијата умреле меѓу 200.000 и 400.000 луѓе..
Градот Припјат – често нарекуван Чернобил, денес е „град на духови“, кој повремено го посетуваат само храбри туристи.
Порано овде живееле 49.400 луѓе. Во посебната зона од 30 километри денес може да се влезе само со дозвола и специјална опрема.