По вторпат за помалку од една година во Грција од денеска е зголемен данокот на промет од 23 на 24 проценти, јави дописникот на МИА од Атина.
Зголемувањето на данокот е во согласност со барањата на кредиторите на земјата во замена за финансиска помош, а овој пат Грците се најразочарани затоа што се погодени главните компоненти на секојдневниот живот – кафето и пивото.
Од денеска се зголемени и даноците на услуги, како што е интернетот, фиксниот телефон и телевизиската претплата за кабелската и сателитската телевизија.
Мерките беа одобрени од страна на Парламентот пред партнерите на Грција од еврозоната да се согласат да одмрзнат 10,3 милијарди евра помош и да започнат разговори за олеснување на долгот на Атина.
Грчката влада исто така изврши реформи во пензискиот систем и потпиша договор за амбициозни буџетски цели.