Финансиска помош за мобилност на работна сила е една од мерките преку која Владата преку Агенцијата за вработување го подржува поттикнувањето на вработеноста и обезбедувањето на нови работни места.
Мерката има за цел да ја поттикне мобилноста на невработените лица согласно со локалните потреби на пазарот на трудот, и тоа преку финансиска помош и поддршка која има за цел да ги охрабри и мотивира овие лица да се вработат надвор од местото на своето живеење а со средствата кои ќе ги добијат да можат да ги намират трошоците за евентуален престој во друга средина или пак секојдневен транспорт.
Мерката е корисна и за работодавците, за компаниите кои имаат потреба од ангажман на работници но во местото каде што функционираат имаат потешкотии да обезбедат потребен профил на работник.
Од Владата велат дека ова е една од многуте мерки за зголемувањето на вработеноста, која може да биде од корист за многу работници.
-Владата реализира поголем број на мерки, програми и проекти коишто се насочени кон одредена популација, а коишто имаат за цел поттикнување на вработеноста. Ова е дел од таа поширока палета и има за цел да направи поврзување на оние невработени лица коишто имаат одреден профил, знаење и способности, но не може да најдат вработување во местото каде што живеат и оние работодавачи коишто имаат потреба од работници со определени знаења и вештини, определен профил, но во местото каде што дејствува работодавачот нема доволен фонд за пополнување на работните места. Таа појава не е масовна, но сепак е констатирана како потреба и затоа даваме една финансиска стимулација со цел да ги мотивираме и невработените лица и работодавците кои имаат идеја, интенција да влезат во еден ваков однос којшто би резултирал со вработување, да ги истражат овие можности, да аплицираат во Агенцијата за вработување, којашто понатаму ќе направи нивно поврзување и ќе ги води во целокупниот процес, вели владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Огласот за оваа мерка е отворен и на него можат да аплицираат невработени лица и сите работодавци, кои ги исполнуваат условите и кои ќе поднесат пријава до работните клубови на Агенцијата за вработување.
Минималната оддалеченост од населеното место на работодавачот до населено место на невработеното лице треба да изнесува 30 и повеќе километри. Притоа оваа мерка не се однесува за вработување на лица кои од внатрешноста на државата би се вработиле во Скопје. Но невработени лица од Скопје би можеле да бидат корисници на оваа мерка за нивно вработување во Куманово, Велес и сите други места кои се оддалечени најмалку 30 километри од главниот град. Мерката не може да се користи од земјоделските претпријатија.
Заради превенција од злоупотреби, лицата кои ќе се вработат преку оваа мерка, треба да не биле вработени во истата фирма во претходните 2 години.
Државата ќе додели еднократен надомест од 80 000 денари за невработеното лице, средства кои може да се користат како надомест за трошоци за кирија и/или транспортни трошоци за времетраење на периодот на субвенционирање, или пак за други потреби.
И работодавачот ќе добие еднократна стимулација од 12 000 денари и ќе треба ново вработеното лице да го задржи во работен однос најмалку 12 месеци. Огласот ќе биде отворен се до целосно пополнување на предвидениот број на вработувања согласно оваа Програма.