Фестивалот за забавна музика „Максфест“ е во полн ек. Вчеравечер во Штип се одржа и втората полуфинална вечер од 31-то издание на овој фестивал, а годинава, „Макфест“ го врати меѓународниот натпреварувачки концепт. Покрај 23-те домашни пејачи, се натпреваруваа и седум гости од странство, кои за разлика од правилото во 80-тите и во 90-тите години, не мораа да пеат на македонски јазик.
По вторпат слушнавме 15 композиции, од вкупно 30-те кои беа избрани годинава. Заедно со оние 10 од четвртокот вечер, и овие 10 ќе ги слушаме вечерва во финалето на „Макфест“- вкупно 20 композиции.
Најдобрата песна на фестивалот ќе биде наградена со 10.000 евра (во денарска противвредност), за втората награда се предвидени со 7.500 евра, а третонаградената песна ќе добие 5.000 евра.
Покрај главните награди, ќе бидат доделени и наградата за најдобар аранжман, сценски настап, чија вредност изнесува 1.000 евра, како и наградата за дебитант, која од годинава ќе го носи името „Душан Љубисављевиќ“ во чест на Дуле (Дуле и Коки), и наградата за најдобра вокална интерпретација „Драган Каранфиловски Бојс“.