Пржинскиот договор е излезот од политичката криза, но процесот на неговата имплементација се одолговлекува и поради тоа кризата ја парализа земјата, порача специјалниот германски пратеник Јоханес Хајндл, кој последните денови во Скопје оствари низа средби со политичките и владините претставници, во насока на изнаоѓањето на излез од политичката криза.
„Имавме отворени дискусии со политичките лидери, Германија ги прати случувањата со голема загриженост. Добрата вест е дека има излез од кризата а тоа а Пржинскиот договор и неговите принципи и правила го поставуваат патот кон демократијата, стабилноста и евроатланските интеграции, а лошата вест е дека процесот се одолговлекува, кризата ја парализира земјата и времето изминува“, изјави Хајндл.
Според Германецот, она што е сега важно е да се постигне целосна ревитализацијата на политичкиот договор и тој да се потврди како валидна и обврзувачка рамка за реформскиот процес кој претстои. Хајндл исто така го поздрави повлекувањата на помилувањата кои беа направени од страна на претседателот Иванов, со што сега фокусот повторно може да биде ставен на имплементацијата на Пржинскиот договор и оние прашања кои се битни за иднината на земјата.
„Сега е потребно партиите да се договорат за изборниот датум и мора да направат се што е потребно за слободни и фер избори. Второ, на специјалниот јавен обвинител мора му се обезбеди да ја врши својата работа без никакви опструкции и трето, партиите мора итно да се договорат за имплементацијата на реформските приоритети кои се предвидени со Пржинскиот договор како и прашањата кои беа адресирани во извештајот на Прибе“, потенцираше Хајндл, додавајќи дека се надева оти политичките лидери ќе го искористат „позитивниот моментум и во интерес на државата ќе го направат она што е потребно за земјата да оди напред и реформите да се остварат“.