Ноќеска во полициска станица во Тетово е приведен и задржан еден 36-годишен тетовец Е.Ј., за кој постои сомнение дека учествувал во инцидентот кој се случи вчеравечер кога при обид да биде приведен осуденик беа нападнати со метална шипка четворица полицајци.
По овој тежок инцидент денеска се огласи и подрачното обвинителство:
„Основното јавно обвинителство – Тетово, во координација со СВР-Тетово презеде дејствија за расветлување на вчерашниот кривично-правен настан во кој при обид за лишување од слобода на осуденик беа нападнати и повредени четворица полициски службеници. При вршење на увидот на лице место се пронајдени, фотодокументирани и подигнати за вештачење повеќе траги, а се преземаат и мерки за пронаоѓање на напаѓачите.
Во текот на ноќта, во полициска станица во Тетово е приведен и задржан еден 36-годишен тетовец Е.Ј., за кој постои сомнение дека учествувал во кривично-правниот настан и спречил службено лице во извршување на службена должност.
Имено, настанот се случи вчера попладне кога четворицата полициски службеници се обиделе да го лишат од слобода 40-годишниот И.И., кој се барал за издржување на едногодишна затворска казна. Тој се спротивставил и им дал отпор, а потоа со неговиот татко 69-годишниот А.И. и уште две лица физички ги нападнале полицајците. Таткото во нападот користел и метална шипка, со која на двајца полициски службеници им нанел тешки, а на другите двајца полесни телесни повреди.
Потешко повредените полицајци биле префрлени на скопските клиники, каде врз еден е извршен и хируршки зафат и тој се наоѓа во животно-загрозувачка здравствена состојба.“, се вели во информацијата од обвинителството.