Извршителот на нападот покрај Париз, во кој беа убиени двајца полицајци, го снимил злосторството, изјавија двајца претставници на француските власти.
Напаѓачот ја објавил снимката на Фејсбук лајв, услуга на социјалната мрежа за емитување во живо, изјави еден од претставниците, јави БТА.
Во еден момент за време на нападот мажот се поколебал што да прави со тригодишното дете на убиените полицајци, истакна еден од изворите, кој побара анонимност.
Напаѓачот Лароси Абала беше ликвидиран, откако ги уби двајцата полицајци, маж и жена, кои живеел заедно. Мотивот за нападот се уште не е разјаснет.
Според анонимен извор од информативна агенција поврзана со ИД, нападот бил извршен од борец на групацијата, која сепак официјално не ја презела одговорноста.
На Фејсбук имаше профил со името на Абала, на кој имало фотогафија од маж со брада. Сепак профилот беше отстранет изутрината од социјалната мрежа. Две од последните публикации вклучуваа видеоматеријали, во кои се критикуваа Израел и Саудиска Арабија.
Францускиот министер за внатрешни работи, Бернар Казенов, изјави во меѓувреме дека треба да бидат извршени нови апсења по терористичкиот напад покрај Париз и ликвидирањето на убиецот на двајцата полицајци.
– Истрагата продолжува и треба да спроведеме нови апсења – рече Казено, кој го посети париското предградие Манјанвил, каде синоќа беше извршен нападот.
Министерот пристигна во полициската станица, во која работела една од жртвите, 42-годишниот Жан Батист Салвен.