Бремените, хронично болните и лицата над 60 години да бидат ослободени од работните обврски. Да се избегнува работа на отворено од 11до 17 часот. Истиот период да не се одржуваат спортски активности, а децата од градинките да не се изнесуваат надвор. Ова се дополнителните препораки од министерството за здравство по најавите дека следуваат 2 пеколни денови со температура до 40 степени. Утре и задутре цела Македонија ќе биде во портокалова фаза. Остануваат да важат и општите препораки за заштита од топлотен бран. Посебно да се внимава со исхраната.
– Треба да се носи светла и лесна облека, а при директна изложеност на сонце и заштитни очила и капа. При сончање се препорачува да се користи крема со висок заштитен фактор. Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку масна храна, да се внесуваат големи количества течности (најдобро обична вода за пиење), а да се избегнуваат алкохолните пијалаци, при влегување во возило, потребно е одреден период да се проветри возилото, изјави д-р Јованка Костовска од министерството за здравство.
Поради високите температури со препораки излезе и Сојузот на синдикати на Македонија.
-Работодавачот, согласно Законот за безбедност и здравје при работа, е должен да обезбеди соодветни услови на работа кои нема да го загрозат животот и здравјето на работниците во услови на топлотен бран.Ппосебна грижа да се води за работните места на отворен простор, односно за градежни работници, земјоделци, градинари, работници во сообраќај, работници кои изведуваат теренска работа, продавачи на отворени пазари, пожарникари, полицајци, војници, се наведува во соопштението од ССМ.