По огромните и поволни субвенции кои ќе ги обезбедува Владата за покривање на трошоците за рата во период од 11 години и трошоците за учество во кредитот за стекнување куќа, државата работи и на поддршка на граѓаните и во поглед на обезбедување на земјиште за изградба на куќите кое ќе може да се купи по многу поволни услови и евтини цени. Тоа ќе биде дополнителен плус во плановите на семејствата кои сакаат да изградат сопствен дом.
Министерството за транспорт и врски, државниот катастар и агенцијата за планирање на просторот, интензивно работат на изработка на урбанистичките планови.
Во типските населби земјиштето и локациите за изградба на куќи ќе биде продавано по почетна цена од 1 евро за метар квадратен, на јавни, транспарентни електронски аукции, каде што секој граѓанин ќе може да аплицира и да се наддава за најповолна цена за да се купи земјиште за изградба на куќите.
Ова во голема мера би обезбедило заштеда на огромни трошоци за граѓаните, имајќи во предвид дека во некои општини вообичаената цена на градежното земјиште, надвор од овие предвидени локации, изнесува и по 100 и 200 евра за метар квадратен.
На општините кои се пријавија на отворен и транспарентен оглас и кои се заинтересирани за воспоставување на ваков вид на нови типски населби со локации за изградба на најмалку 100 куќи, Владата преку Министерството за транспорт и врски ќе им изработи урбанистички планови за кои општините нема да имаат трошоци бидејќи изработка на плановите ќе ја финансира државата.
Покрај овие погодности со обезбедување на евтино земјиште за изградба на куќи во организирани типски населби, државата дава значителна финансиска поддршка за изградбата на куќите.
-Владата е максимално посветена на проектот „Купи куќа за млади“. Даваме значајна финансиска поддршка за изградба на куќите, а паралелно со тоа работиме на уште еден значаен елемент, а тоа е обезбедување на земјиште во специјализирани типски населби коишто ќе имаат најмалку 100 предвидени локации за изградба на куќа и каде што земјиштето би се продавало по почетна цена за метар квадратен на јавни електронски аукции. На тој начин ќе се обезбеди дополнителна заштита за потенцијалните корисници на овој проект. Работиме на изработка на урбанистички планови за над 50 општини во нашата земја и се очекува дека најголем дел од нив ќе бидат завршени до крајот на 2016 година, за веќе во 2017 година да се отпочне со конкретно воспоставување на тие населби со електронските аукции за продажба на земјиштето и со создавање на конкретни услови за почеток за изградба на куќите за сите млади лица коишто ги исполнуваат условите од проектот, рече владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев.
Владата субвенционира 80% од трошокот за месечната рата во период од 8 години и уште дополнителни 50% субвенции на месечната рата во период од 3 години по првите 8 години, вкупно 11 години. Владата го обезбедува и покривање на 100% од трошокот за учество во кредитот за стекнување на куќа.
Беше најавено дека Владата ќе обезбеди и значителна дополнителна помош за општините во поглед на покривање на трошоците за изградба на водовод, канализација и пат во типските населби во општините.