Мажите во Иран носат хиџаб за да се солидаризираат со жените кои мора да ги покриваат своите глави во јавноста, објави весникот „Индипендент“.
Жените во рамките на кампањата против задолжителното носење на хиџаб, отворено се спротивставуваат на верската полиција, па дури и ги бричат своите глави.
Носењето на хиџаб строго го спроведува верската полиција во Ирак од Исламската револуција во 1979 година. Жените што се спротивставуваат на тие правила може да бидат казнети со финансиски или затворски казни.
Според огласите на паноата во Иран, кои ги плаќа државата, жените што не ја покриваат својата коса се прикажуваат како размазени и нечесни. На жените исто така им се кажува дека ако не носат хиџаб се изложуваат на несакано сексуализирање од мажите.
Но, жените низ земјата протестираат против ова задолжително носење на хиџаб. Некои одат до толку далеку што ги бричат главите и се облекуваат како мажи за да можат да излезат во јавност без вел.
За време на минатата седмица неколку мажи се фотографирале со хиџаб додека со нив на фотографијата биле нивните сопруги или некој друг женски член на семејството, кои немале покриена глава. Фотографиите настанале на повик на Масих Алинеџад, иранска активистка и новинарка која живее во Њујорк.
Алинеџад е лидерка на кампањата „Мојата челична слобода“, и често споделува фотографии од жени од Иран кои уживаат во слободата кога ќе го извадат хиџабот надвор од дома. Кога побарала од мажите да ја поддржат акцијата, таа добила 30-тина фотографии на кои мажи носат хиџаб, а жени не.
– Повеќето од тие мажи живеат во Иран и сведочеле дека нивните женски членови на семејствата патат поради задолжителното носење на хиџаб. Од најмали нозе па сè до зрели години, нè принудуваат да носиме хиџаб и со години патевме поради тоа. Мажите се навикнаа, и да не гледаат со хиџаб за нив е нормална работа, но за милиони Иранки, носењето хиџаб е навреда – вели Алинеџад.
Таа вели дека во нивното општество, егзистенцијата и идентитетот на жените се оправдуваат со интегритетот на мажот, а во многу случаи на религиозното учење тоа само го поттикнува чувството на мажот дека жената е во негова сопственост.
– Токму затоа помислив дека би било добро да ги повикам мажите да учествуваат во борбата за женските права – додава Алинеџад.