Скотланд Јард соопшти денеска дека е отворена формална истрага за случајот со „намерното труење“ на младата британска тенисерка Габриела Тејлор, што се случило за време на годинешниов турнир во Вимблдон.
Тејлор (18) поминала четири денови во интензивна нега, во една од лондонските болници, откако наеднаш и се слошило за време на четвртфиналниот меч со една американска тенисерка.
Мечот се играл во младинска конкуренција и бил прекинат по наглото разболување на Тејлор, која потоа го предала мечот и се откажала од турнирот.
Според Скотланд Јард, полицијата примила сомневање за труење на тенисерката, со намера да и се загрози животот или да и се нанесат тешки телесни повреди.
Тејлор која е од Саутхемптон сега е на домашно опоравување, прво психолошко по „преживеаниот шок“, а потоа и физичко, за да може да се врати во натпреварувачка форма и одново да се пјави на тениските терени.
Во изјава за медиумите таа вели дека „не може се уште да верува оти и се случило тоа на најзначајниот турнир во нејзината досегашна кариера“.
Тејлор важи за една од големите надежи на британскиот тенис, но Скотланд Јард објаснува дека засега нема созние за тоа кога и каде настанало труењето.
Лекарите кои ја лекувале младата тенисерка изјавиле дека во телото откриле ретка бактерија, а организаторот на турнирот Вимблдон најави дека целосно ќе соработува во истрагата.
Претставник на турнирот, сепак, рече дека нема податоци оти Тејлор ги користела боновите за хранење во рестораните на турнирот.