Властите велат дека маж облечен како чувар прободел осум лица и наводно го споменувал Алах и ги прашувал жртвите дали се муслимани пред да ги нападне.Сите осум жртви од саботниот напад беа лечени во болница од рани што не биле опасни по живот и сите освен еден досега се пуштени дома. ФБИ соопшти дека ѝ помага на локалната полиција во истрагата.
Исто како и полицијата, и портпаролот на ФБИ Минесота, Кајл Ловен, денеска одби да каже дали истражувачите веруваат дека нападот во саботата вечер во трговскиот центар Кросроудс во Сент Клауд бил терористички чин.
Новинската агенција водена од Исламска држава тврди дека човекот што прободе и рани осум лица во трговски центар во Минесота пред да биде убиен од полицаец што не бил на должност бил „војник на Исламска држава“.
Новинската агенција Амак го објави тоа денеска, велејќи дека напаѓачот ги послушал повиците од екстремистичката група за напади во земјите што се дел од американската коалиција против ИСИС, пренесе Си-ен-ен.
Сè уште не е јасно дали екстремистичката група го планирала нападот, па дури ни дали претходно знаела за него.
ИСИС долго време ги поттикнува своите приврзаници низ целиот свет на „независни напади“. Таа и во минатото преземаше одговорност за напади за кои не се верува дека биле планирани од нејзиното централно раководство.