На каналот Јутјуб од вчера е објавена видео снимка на која се гледа електронската преписка на Специјалното јавно обвинителство со новинари и со други лица.
Во дел од мејловите што се прикажани на снимката новинари од повеќе редакции бараат акредитации за прес конференции, а датите се однесуваат на периодот ноември – декември 2015 година.
На барање да ја коментираат оваа снимка од СЈО утрово најавија дека ќе испратат официјално соопштение во текот на денот.
Специјалното јавно обвинителство потврди дека имале неовластен упад во електронската пошта во декември 2015 година, но случајот тогаш не бил пријавен во полиција, бидејќи „немале никаква реална штета од упадот“.
„Во текот на месец декември 2015 година беше извршен неовластен упад во нашата електронска пошта, по што од наша страна беа преземени сите чекори за зголемување на безбедноста на електронска пошта. Напоменуваме дека во тој период немавме вработено лице кое би се грижело за информатичката безбедност на електронската пошта. Со оглед дека со објавата на `Јутјуб` каналот јасно е изразена целта на упадот во нашата електронска пошта, Ве известуваме дека ќе бидат преземени сите мерки за расчистување на случајот“, велат од СЈО.