Во вечерашното „Отворено студио“ со Анита Петровска Рајковиќ, внукот на Никола Србов чија фамилија била буквално распарчена сведочи за случувањата кои неговиот дедо ги раскажал, но и за тоа што го прочитал во црните досиеја на УДБА.
– Мојот дедо чие име го носам, Никола Србов учествувал во гимназијата во вмровската група во Гевгелија, каде што бил на свои 17 години, 1945-та година. Во 46-та година е уапсен заедно со неговиот брат кој успеал да пребега за Грција, во Солун. Тој е уапсен и осуден како вмровски елемент и непријател на тогашното општество и систем, дека работел против Југословенската федерација и нејзиното уредување. Според неговите зборови, првенствено е уапсен и одредена му е смртна казна, потоа му била намалена на 15 години, но одлежал 5 години, а во досието ја има само последната казна. Овие претходните ги нема воопшто, тие ги избришале. Во тој период во законот како најголема казна за ова била одредена мерката 15 години затворска казна, раскажува внукот Никола Србов во студиото на Телевизија Нова.
По затворската казна која ја одлежал Србов, започнуваат уште поголеми трауми за неговата фамилија која е присилена да го напушти својот роден крај.
– Тој го одлежал затворот, но подоцна има забрана за сите граѓански права како што се образование и вработување уште 5 години дополнително. Мојот дедо не можел да се запише на факултет и тек тогаш започнуваат уште поголеми трауми. Тој е интерниран со целата фалимија од гевгелискиот регион во Виница. Интернирана е за да не седи таму, за да не се создава т.н. гнездо на таа вмровска група, бидејќи тие и после затворот биле со исти идеи и продолжиле да работат. Затворот не може да им ги смени идеите, ќе го преживеат затворот и тие повторно размислуваат на таков начин и поради тоа од таа група сите се интернирани во разни градови. Конкретно, мојата фамилија е интернирана во Виница и за цело време следена, подоцна доаѓа во Скопје и следена е до 1988-ма година. Во досието ги наоѓам и моите родители и неговите внуци и на адресата во Скопје во Карпош каде што живеел. Истражуван е од полициската страница во Карпош, а таму има интересни личности кои давале информации за него, додава Србов.
Во вечерашното отворено студио со Анита Петровска Рајковиќ на ТВ Нова зборуваме за човечки судбини, зборуваме за цели уништени семејства, зборуваме за црните досиеја на УДБА. Гости во студиото се Филип Петровски, директор на Државен архив на Република Македонија и Никола Србов, еден од оние семејства кои биле на таргет на УДБА.