Двеипол годишно дете од Жировница починало на Клиниката за детска хирургија, на 28 минатиот месец. Родителите се сомневаат дека е направен пропуст во лекувањето, поврзан со анестезија поради што после операцијата состојбата му се влошила и детето завршило фатално. Директорот на Клиниката за детска хирургија Ристо Симеонов вели дека детето ја добило целата потребна грижа, но причината за смрт не може да биде утврдена затоа што родителите одбиле да се направи обдукција. Сепак е формирана комисија која треба уште еднаш да го прегледа детално случајот и во понеделник да достави извештај.
Детето на Клиниката за детска хирургија било примено на 27 октомври. Мајката ги информирала лекарите дека тоа имало температура, по што детето било пратено на анестезиолошки преглед.
– Анестезиологот рече дека температурата е од црвеното грло, а белите дробови се во ред, па може да се направи операцијата. Останавме во болницата ни беше речено дека ќе дојде уште еден лекар да го види, но тоа не се случи. Ноќта му дававме сируп за температура и сабајлето го земаа на операција – раскажува член на семејството.
Операцијата почнала во 10.30 и до 13 часот семејството немало никаква информација за детето, прашувале како е детето, но никој ништо не им кажувал. Мајката ја пуштиле да го види на интензивната нега во 15.30. Детето било префрлено на одделение околу 18 часот.
– Прво ни рекоа дека ќе остане 24 часа на интензивна нега, но потоа рекоа дека е добро и го префрлија на одделение. Но детето не беше добро, имаше проблеми со дишењето, имаше болки, да останеше на интензивната нега може подобро ќе беше. Околу 03.30 состојбата му се влоши уште повеќе почна да повраќа пена и крв по што го префрлија на КАРИЛ. Но еден час подоцна детето почина. Никој не ни кажа што се случи, како можеше да го изгубиме детето при рутинска операција – раскажуваат роднините.
Директорот Симеонов вели дека кај детето била направен анестезиолошки преглед како и кај сите други деца пред операција.
Операцијата поминала уредно, но се јавиле проблеми со будењето на детето.
– Но тоа не е невообичаено и во други случаи се случувало детето потешко да се буди, па и затоа не го разбудиле во операциска сала, туку на одделението за интензивна нега. Потоа состојбата му била добра, почнало да прима течности на уста. Но ноќта состојбата нагло се влошила. Инсистирав да се направи обдукција за да може точно да се знае причината за смртта, но таткото не прифати – објаснува Симеонов.
Тој вели дека и со ова детето е постапено како и со сите деца на клиниката и не е оставено без грижа и дежурна сестра и дежурен лекар.
– Детето умрело од срцева слабост и белодробен едем, но зошто се јавиле тие околности не може да знаеме без да се направи обдукција- вели Симеонов.
Земени се изјави од сите инволвирани во случајот и во понеделник се очекува да биде готов извештајот.
PlusInfo.mk