Телата на поранешниот полски претседател Лех Качински и неговата сопруга Марија, кои загинаа во авионската несреќа крај Смоленск во западна Русија во 2010 година, ексхумирани се во замокот Вавел во Краков, јави ноќта кон вторникот агенцијата PAP.
Саркофагот, во кој почиваа останките на Лех и Марија Качински,бил отворен по затворањето на територијата на замокот Вавел за посетители. Во Катедралниот храм во Краковската тврдина се одржала литургија, на којашто присуствувале блиски роднини, меѓу кои ќерката Марта и братот близнак на претседателот, челникот на владејачката полска партија Право и справедливост (PiS), Јарослав Качински.
Качински го обвинува тогашниот полски премиер Доналд Туск,сегашен челник на ЕУ, за недоследности во истрагата и забошотување на важни податоци за трагедијата.
По завршувањето на литургијата, останките биле предадени на експертите кои ќе ги достават до институтот за судска медицина „Collegium Medicum“ при Јагелонскиот универзитет, каде што ќе се спроведува истрагата.
Покрај вообичаената обдукција, ќе биде направена компјутерска томографија, којашто ќе даде тридимензионална слика којашто на стручњаците ќе им овозможи да ги проценат останките на начин кој не е достапен при вообичаено истражување. Покрај тоа, ќе бидат спроведени хистопатолошки, токсиколошки и физичко-хемиски истраги.
Се претпоставува дека неопходниот материјал ќе биде собран за четири дена и на 18-ти ноември двојката Качински повторно ќе биде погребана., исто така во присуство на најблиските. Официјална погребна церемонија не е предвидена.
Заменикот претседател на државното обвинителство на Полска, Марек Пашчонек, претходно појасни дека ексхумацијата на загинатите во авионската несреќа е неопходна поради грешките коишто наводно биле откриени во медицинската документација, и сомневањата дека некои од телата на 96-те жртви се погрешно идентификувани. Групата од 14 стручњаци во текот на следните четири месеци треба да состави заклучоци од собраните примероци.
Ексхумацијата на Лех и Марија Качински е првата од низата ексхумации на телата на загинатите во смоленската трагедија. Вкупно се планирани истраги на останките на 83 од жртвите од несреќата, оние кои не се кремирани или ексхумирани претходно. Сите процедури, според полското обвинителство, треба да бидат завршени до крајот на 2017 година.
Авионот „Т-154“ на полскиот претседател Лех Качински во 2010 година се урна при слетувањето на аеродромот крај Смоленск. Загинаа 96 лица, 88 највисоки полски државни и општествени дејци, и осум членови на екипажот, кои требаше да учествуваат на комеморативната церемонија за околу 20.000 полски офицери ликвидирани во Катинската шума во Втората светска војна од советската тајна полиција на Сталин и нацистите.
Меѓудржавната воздухопловна комисија во 2011 година објави финален извештај од техничката истрага, според кој непосредна причина за падот била одлуката на екипажот да н се упати кон алтернативен аеродром, а системска причина била грешка во долетот и подготовката на екипажот во услови на многу слаба видливост.
Новата Полска комисија, којашто ги истражува околностите за несреќата кај Смоленск на 15-ти септември ги објави резултатите од својата истрага. Експертите сметаат дека авионот се распаднал во воздухот, на 900 метри од местото на падот, и од „црните кутии“ недостасуваат последните секунди од записите на текот на летот. Новата полска влада смета дека се случил пожар или станува збор за саботажа.
Комисијата тврди дека успеала да добие пристап до целосната верзија на снимките на летот, кои укажуваат дека во последните секунди од летот откажале генераторот, мотори и сензорите за отчитување на височината. Министерот за одбрана, Антони Мачеревич донесе одлука за симнување на ознаката за доверливост од документацијата поврзана со авионската несреќа.