Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, освен законски пропишаните норми, за носење зимска опрема во возилата од 15 ноември објави совети за прилагодување на возилото кон условите на патот во зимски услови.
– Возењето во зимски услови е предизвик и за возачот и за возилото. Ладното време ги тестира границите на техничката исправност на возилото, а лошите услови за возење, пак, ги тестираат возачките вештини и способности, посочуваат од РСБСП.
РСБСП затоа препорачува:
Најпрво, направете му редовен сервис на возилото. Како дел од редовната проверка на возилото, посебно внимание посветете на акумулаторот на моторот. Многу е важно да знаете 2 работи: прво акумулаторот кој лесно стартувал во летниот период, може да не е доволно наполнет истото да го прави во зима, а моторот потешко се стартува бидејќи маслото не е „маслото“ кое беше во јули и втората работа, акумулаторите ја губат нивната моќ со паѓање на температурите под нула. Затоа, не само што е потребна поголема моќ да се стартува моторот на возилото во зима, туку добива и помалку енергија и сила од акумулаторот. Ваше е само да го однесете возилото на сервис, а за маслото и за акумулаторот ќе се погрижи овластениот сервисер.
Проверете го нивото на антифриз во возилото. За да бидете сигурни дека антифризот ќе го заштити возилото од зимските температури за време какво што имаме на нашето поднебје, може да го разредите со вода (50-50) и без проблем да возите цела зима. Постојат повеќе видови и производители на антифриз и најдобро е да земете од оној што најмногу одговара за вашето возило.
Набавете си зимски бришачи за стакло со гумени облоги кои спречуваат да замрзне гумата која директно допира на ветробранските стакла и оневозможува на нив да се нафати мраз. Тие се одлични, но само за во зима бидејќи се тешки и ако се употребуваат и во пролет и лето предвреме ќе го оштетат моторот кој ги движи. Резервоарот за вода за бришачи треба да е полн со течност која не мрзне и до -30◦С.
Совет: кога употребувате бришачи во зима, прво исклучете ги бришачите, па потоа изгаснете го моторот на возилото. Зошто? Бидејќи водата (снег, дожд) за време на ноќта мрзне, а со тоа и бришачот мрзне и се лепи за стаклото. Доколку не го исклучите, наутро кога ќе го стартувате моторот на возилото, бришачите автоматски ќе се вклучат и бидејќи се замрзнати за стаклото нема да можат да се движат и на тој начин може со „бришење во место“ да го прегорат моторчето кое ги движи.
Секогаш имајте доволно гориво во возилото. Доколку „заглавите“ во градскиот метеж или сте на пат на кој има застој, работата на моторот на вашето возило ќе ви биде главниот извор на топлина и затоа резервоарот треба да ви биде секогаш полн или барем ¾ полн. Моторот на возилото може да работи подолг временски период кога возилото е во мирување, односно сѐ додека има погонско гориво. Еден дополнителен совет до возачите кои имаат постари возила: доколку со возилото сте на едно место подолг временски период, подотворете малку прозор да влезе воздух бидејќи постарите возила емитуваат поголемо количество јаглерод диоксид кој може да навлезе во кабината на возилото.
Проверете дали се исправни грејачите на задното ветробранско стакло на возилото. Тие се многу важен елемент за безбедно управување на возилото во зима посебно наутро кога возилото е замрзнато или покриено со снег. Секој совесен возач треба прво да ги одмрзне и исчисти стаклата на возилото, а потоа да седне зад воланот и да го управува.
Товарот на возилата. Немојте во зима да ставате голем товар во возилата. Носете го со вас само она што ви е неопходно. Нека ви биде пракса носењето лопата, мала вреќичка песок, патосници за под тркалата во случај да заглавите во подлабок снег, еден пар топли дебели ракавици и секако, полна батерија на мобилниот телефон. Телефонскиот број за помош на патот е 196, се нваедува во едукативниот текст што е дел од Зимската кампања на РСБСП.