Мајката на убиениот велешанец Тоше Коцев, пред соседите посведочила што се случувало кога нејзиниот син беше застрелан во својот дом кај Којник. Како сторител на убиството се товари неговиот пријател Б.Ш. ( 31 год).Инаку, мајката на убиениот е неподвижна жена која не може да се движи и да се храни без помош.
Соседите ја посетиле ожалостената мајка, која низ солзи раскажала дека вчера околу два часот попладне, некој тропнал на вратата и ја отворил. Го видел Тоше и му рекол да излезе надвор. Се слушнала кратка караница, која се случувала во малиот двор, по што уследиле и истрели, раскажала мајката.
Блиски на семејството на убиениот, на дописникот на Телеграф.мк му раскажале дека убиениот и осомничениот биле пријатели, а претходната вечер, тие двајцата седеле до утрото и играле карти во домот на Коцеви.
Обвинителството ги расветлува последните моменти од настанот, кој заврши кобно по 43-годишниот Тоше Коцев.
„Во куќата на сега починатиот дошол осомничениот и веднаш почнал да пука. При тоа испукал неколку проектили и смртно го ранил починатиот“, стои во соопштението на Јавното обвинителство од Велес.
По нивно барање, судија во претходна постапка во Основен суд Велес на осомничениот Б.Ш. му одредил притвор од 30 дена. Тој пред истражниот судија не кажал ниту збор и цело време молчел. МВР информираше дека убиството е сторено со пиштол со калибар 7,65, кој осомничениот го држел в рака кога полицијата дошла, а тој при апсењето не давал отпор.
– Момчето кое беше со пиштолот беше многу нервозно. Тоше по истрелите истрча од дома, на другата страна од улицата и силно викаше, лелекаше. По ова се врати пред вратата и падна, а момчето со пиштолот стоеше над него. По ова нервозно ќе прошеташе, ќе се вратеше и ќе го впереше пиштолот. Потоа дојде полицијата, го обиколија, бараа да го спушти пиштолот и откако го стори тоа, го уапсија, без отпор од негова страна. Како во криминалистичките филмови. Беа тоа многу напнати моменти, се можеше да се случи – раскажуваат соседите, кои настанот го гледале низ прозорците.
Коцев е застрелан со повеќе куршуми, а првично на местото од пукањето биле пронајдени пет чаури. Со повеќе прострелни рани во градите и стомакот, тој починал еден час подоцна, кога бил внесен во операционата сала од хируршкото одделение на велешката болница.
Sitel.mk