Бројот на гласови што ги доби СДСМ со нивната коалиција беше неочекуван, оцени универзитетската професорка Татјана Каракамишева во разговор за ТВ Нова.
-Прашањето околу самите изборни резултати би го оценила преку два момента. Првиот момент е, би рекла, неочекуваниот број на гласови којшто успеа да го добие СДСМ со коалицијата. Неочекувано во делот кога ќе се компарираат во оние истражувања и резултати од истражувањата на јавното мислење коишто ни пристигнуваа во последните денови предизборно. Се работи за анкета, да кажеме на ИРИ, каде што убедлива беше предноста на ВМРО-ДПМНЕ во однос на СДСМ, но сепак на крајот, и покрај тоа што е победник ВМРО-ДПМНЕ, се виде дека таа победа на некој начин се стопи во однос на бројот на пратеници во однос на она што се покажа на анкетите и истражувањето на јавното мислење, рече Каракамишева.
Според професорката Каракамишева, анкетарите ќе треба да го променат начинот на којшто го сондираат јавното мислење, бидејќи веќе нема таква поделеност на македонски електорат и албански електорат, туку треба сѐ буквално да се сондира и да се види јавното мислење на двете страни кога се испитува поддршката или рејтингот на секоја политичка партија, без разлика дали станува збор за македонска или албанска.
-Тоа, би рекла, е една новина на овие избори бидејќи СДСМ очигледно добија голем број на албански гласови, неочекувано дури ни за ДУИ ни за останатите албански партии. Според некои првични информации, се работи за околу 70 илјади албански гласови коишто отишле на контото на СДСМ, што навистина претставува еден преседан, изјави Каракамишева.