Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска беше во посета на Битола каде повика на воздржаност додека надлежните институции не ги објават конечните резултати од изборите, односно додека не се произнесе ДИК, а потоа ако треба и Управниот суд.
Заев кажа и дека тој и Никола Груевски се во постојана комуникација, како што биле и за време на изборниот молк.
– Иако јавноста не знае, јас и Груевски сме постојано во комуникација. Времето на Груевски зарши. Тој во никој случај нема да формира влада, а убеден сум дека и тој самиот го знае тоа. Затоа апелирам, до сите граѓани да ги сталожиме мислите и да не дозволиме да прават проблеми. Да не веруваат на оние од врхушката на власта, кои им даваат глупави насоки. Јас и Груевски не се гледаме преку нишан на пушка. И не сме со вперени пушки меѓу нас. Ние седиме заедно, ние разговараме заедно. Ние одлучуваме за иднината на Македонија. Можеби сме спротивставени. Но се слушавме во текот на кампањата. Ние на молкот разговаравме за да го контрилираме заедно избирачкиот процес. Немојте никој да ве лаже, доста ни се делби и поделби во Македонија. Одлуките денеска на ДИК и евентуално на Управниот суд, се формално правни процеси, кои согласно закон и Устав треба транспарентно да отпочнат и да завршат. Без разлика дали резултатот ќе биде 51 за ВМРО ДПМНЕ 49 за СДСМ, или ќе биде 50-50 или 50 за СДСМ а 49 за ВМРО-ДПМНЕ – рече Заев.
На прашањето, дали може да формира влада доколку има 61 пратеник, а ако не може во случај на 61 дали вие ќе формирате влада и со кој и дали ќе ги почитувате одлуките на ДИК, Заев рече:
– Еве вака. Ние повикавме на транспарентни одлуки денеска во мојата изјава токму тоа го кажав, сега е време да дадеме шанса на одлуки на ДИК и евентуално ако има тужби или жалби до Управниот суд, тие ќе бидат конечни одлуки, согласно тие конечни одлуки ќе почнат и политичките преговарања за формирање на мнозинство кое што согласно уставот треба да биде потврдено пред Ѓорѓи Иванов кој го доделува мандатот. Тие се чекори, чекор по чекор, Македонија покажа трпение и со мнозинство гласови покажа дека е за промени, промените се здрава работа да не се плашиме од нив, тоа се добра работа. Најавувам еве и после завршени избори. Помирување, единство, сплотеност, доста ни е од делби и поделби.
Тој рече дека дека новата македонска влада ќе се формира врз темелите на Европската Конвенција за човекови права.
Прашан дали ќе ја тужи наставничката од Битола која носеше крст со негово име, Заев одговори дека ѝ простил.
– Ѝ простив уште истиот момент. Јас сум социјалдемократ, водам партија, но сум и православен христијанин, знаете крстот кај нас православните не е симбол на смрт, туку на воскресението. Се надевам ќе воскресне оваа наша Македонија и сите граѓани ќе живеат спокоен, мирен и бериќетен живот – додаде лидерот на СДСМ.