Грипот мутиран – опасен по нервниот систем


Типот на грип што засега е доминантен АН3Х2 подолго време не бил толку присутен во земјава, а претрпел и генетски промени што го прават не толку препознатлив за имунолошкиот систем поради што има голем број заболени годинава, објаснуваат епидемиолозите.grip

– Карактеристика на вирусот на грип е што многу често се менува. Се смета дека на отприлика 10 години овие промени се поголеми, вирусот станува не толку претпознатлив и имаме голем број на заболените. АН3Х2 сме го имале и во изминатите години но никогаш не бил доминантен – објаснува Владимир Микиќ, епидемиолог од Институтот за јавно здравје.

Тој очекува уште недела-две активноста на грипот да биде многу висока, потоа неколку недели да биде висока, па да почне да се намалува.

– Треба да се напомене и дека постои можност во текот на сезоната на грип да стане доминантен и некој друг тип, како што лани се појави типот Б, што може да ги промени очекувањата – вели Микиќ.

Вирусот на грип има обвивка која на минусни температури се стврднува и го штити поради што ладното време не му е непријател.

– Вирусот на грип е сериозно заболување од кое секоја година умираат половина милион луѓе, па затоа така и треба да се сфати. Кога ќе се добијат симптомите, да се оди на лекар и потоа внимателно да се следи состојбата, особено кај децата – предупредува Микиќ.

Лилјана Лазаревска, епидемиолог од Центарот за јавно здравје во Скопје, објаснува дека вирусот на грип се јавува циклучно поради што и некои години има поголем број на заболени во однос на други.

– Причина заради која има зголемен број на болни од грип сметам и дека е намален општиот колективен имунитет. Искуството од минатите години покажува дека пикот на грипот трае од четири до пет недели, а досега се поминати три – вели Лазаревска.

Вирусот АН3Х2 е поопасен бидејќи почесто прави компликации меѓу кои и зафаќање на централниот нервен систем што резултира со воспаление на мозокот, што беше и причина за смрт на две деца на возраст од 3 и 4 години.

Досега се регистрирани 15.073 заболени од грип, но реалната бројка, како што велат епидемиолозите, е веројатно четири пати поголема од официјалната.

Вчера Комисијата за заразни заболувања препорача зимскиот распуст да се продолжи до 23 јануари, како и да се прави секојдневна дезинфекција на автобусите, училиштата и на градинките. Денеска од владата велат дека ќе има седница на која се очекуваа да биде донесена одлука за продолжувањето на распустот.

PlusInfo.mk

Tags:

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1