Денеска е Преподобен Мартинијан (Велики Поклади – Прочка).
Мартинијан бил родум од Палестинска Кесарија (Цезареја). На 18-годишна возраст го оставил светот и се повлекол на една планина во Кападокија, каде се подвизувал цели 25 години. После тоа тргнал да ги обиколува населените места, проповедајќи го Христа и поучувајќи го народот, но без да се задржува долго во нив. За две години тој обиколил 164 места, а најпосле стигнал во Атина, каде што се упокоил во 422 година.
Прочка – Велики поклади
Празник на проштевањето и очистувањето од гревовите
Прочка претставува голем празник за македонскиот народ и со него се поврзани голем број обичаи и верувања. Очигледно е дека проштевањето е обичај востановен под влијание на црквата, додека огновите, гатањата, карневалите и сл. се остатоци од претхристијанските пролетни забави.
Празникот Прочка или Велики Поклади, меѓу народот познат и како Проштени Поклади, спаѓа во најголемите христијански празници, според некои веднаш по Божик и Велигден. Овој празник доаѓа по неколкуте зимски празници како што се: Бадник, Божик, Водици, Св. Трифун и ги поврзува со поголемиот број пролетни празници како што се: Тодорова Сабота, Летник, Св. 40 маченици (Младенци), Благовештение, Цветници, Лазарева Сабота, Велигден, Ѓурѓовден и др. Со Прочка започнуваат и долгите Велигденски пости, период исполнет со многу обичаи и верувања, со многу одречувања и надежи за пречек на Христовото воскресение (Велигден) за причесна и идентификација со Спасителот Исус Христос.
На Прочка се изведуваат богати обичаи како што се проштевањето (оттука и празникот го добил името), потоа амкањето, обредните огнови, богатата трпеза, гатањето за живот и среќа, обичаите за очистувањето од болви, вошки и други штетници итн. Очигледно е дека некои обичаи како што е на пр. проштевањето имаат христијанска основа, додека другите се остатоци од претхристијанските пролетни празнувања.
Кога станува збор за празникот Прочка не смее да се изостават деновите што му претходат на овој празник. Една недела пред Прочка (поточно во саботата) е Задушница. Саботата пред Прочка во некои краишта на Македонија е познат под името Умрело дете за баничка, во други, само Дете за кора. Тоа е поврзано со легендата за некое сиромашко дете коешто гледајќи како богатите секој ден носат сукани јадења на фурната побарало од мајка му да му меси баничка. Мајка му, бидејќи немала брашно постојано го лажела дека следниот ден ќе му меси, а детето чекајќи и плачејќи умрело. За спомен на тој ден и на тоа дете останало на овој ден да се меси баничка, зелник или друга храна и да се раздава.
Неделата пред Прочка се вика Месопусна или Месна недела, а некои ја викаат и Месни поклади зашто на тој ден се запокладува (односно се запостува) со месо, месни производи и свинска маст. Овој период од седум дена од
Месни поклади до Прочка се вика и Сирна недела или Сирници поради тоа што во овој период се јадат млечни производи. Некои ја викаат и Бела недела. Според преданието на некој што умрел во текот на овие денови во забите му нашле месо што го сметале за причина за смртта. Оттогаш останало строго да се внимава во текот на Сирната недела да не се јаде месо.
Од обичаите што се изведуваат на Сирни понеделник интересно е канењето на ветерот да дојде преку летото кога е потребен за веење на житото. Имено тогаш се прави „топејнца“ и со кисело млеко или „маштејнца“ се носи на гумното, три пати се трча низ гумното со викање: „Ела ветре да јајме топејнца,/ в лето да дојш да вејме чејнца, / југу, југу, југу…“ Потоа храната се изедува до стежерот.
Од Сирни поклади, односно од Прочка не се јадат и млечни производи со што започнуват големите, долги седум недели, Велигденски пости, што траат до Велигден.
Обичајот проштевање тргнува од христијанското сфаќање за помагање и проштевање меѓу луѓето. Се верува дека на овој ден и небото и земјата се проштеваат па тоа треба да го сторат и луѓето. Небото затоа што ѝ погрешило на земјата со громови, мразеви, поројни дождови и сл. бара прошка. И луѓето еден од друг бараат прошка за грешките. Притоа, секогаш помалиот бара прошка од постариот, децата од родителите, крштеникот од кумот, а се проштеваат и пријатели, роднини, соседи итн. Откако три пати ќе се поклони помладиот му вели на постариот: „Прости ми!“, на што овој одговара: „Простено да ти е и од мене и од Господа“, или само: „Просто да ви е“. Во некои краишта на Македонија тој што барал прошка носел некаков подарок како портокал, лимон, суво грозје, алва, јајце и др. и во таа смисла во некои краишта портокалот останал како симбол на проштевањето. Во населените места посебен впечаток во вечерните часови на овој ден остава раздвиженоста на населението, кога многумина во групи брзаат да се простат со родителите, роднините, пријателите, а потоа да се најдат покрај богатата трпеза. Останало забележано дека и младите вљубени се проштевале на чешмата со по некој бакнеж, зашто за време на Велигденските пости и бакнувањето се сметало за грев.
Во Велес, при проштевањето на жената се давало портокал, а на мажот лимон. Во овој град на овој празник се правеле сурати односно се маскирале и оделе по куќите во групи од по дванаесет души во кои имало: момче, невеста, дедо, ѓавол, доктор, благар итн. Благарот го собирал благото со кое биле дарувани по куќите.
Амкањето е интересен обичај кој особено на децата им причинувал голема радост. Се изведувал на тој начин што едно варено бело јајце се прободувало со игла, потоа низ него се провирал конец (некаде конопен во други места памучен) кој се врзувал за урката, за таванот или за синџирот од огништето. Најстариот човек во куќата, најчесто домаќинката го држела конецот (урката и сл.) и сите почнувајќи од постарите амкале, обидувајќи се да го лапнат јајцето, но без при тоа да се послужат со рацете. Само на помалите деца им се дозволувало да се послужат со рачињата. Велат, чинело човек барем со забите да го допре јајцето за да му бидат бели и здрави. Ако некој го лапнел јајцето, му го давале да го изеде, а амкањето продолжувало со друго.
Во Мариово кога тој што амкал ќе речел: „Ам!“, домаќинот го прашувал: „Што амкаш?“, на што тој одговарал: „Амкам за здравје!“ При лупењето на јајцето се внимавало еден дел од лушпата да остане поцелосен, а потоа од него сите пиеле вода велејќи: „За крто душа!“, што значи кртовите што се наоѓале во нивните или бавчите да умрат или барем да минат во туѓ синор. Во Дебарца, според обичаите и верувањата што ги забележавме, притоа се велело: „Таму му гробнина, таму му столнина!“, што имало исто значење. Во некои краишта од Македонија сите пиеле вино од белката на јајцето, а лушпите ги фрлале во соседниот двор, за и болвите да прејдат кај соседите. Во Скопје, како и во Воден, Битола и други места амкале најпрвин со пита, потоа со јајце и на крајот со алва. По амкањето со конецот на кој било врзано јајцето се гатало за живот на старите луѓе во селото. Се споменувало некое име на стар човек и се запалувал конецот. Ако подолго време горел со пламен, ќе живеел долго, ако веднаш угаснел ќе умрел во таа година. Во некои места вака се гатало само за старите луѓе, во други за секој член од семејството.
Величествен впечаток оставаат големите обредни огнови, кои се палат вечерта на овој празник. Во Штип, Радовиш, Гевгелиско и некои други места овој оган се викал Голема Ора-копа, за разлика од Малата Ора-копа, огнот што се палел една недела порано. Големата Ора-копа се изведувала посвечено од малата, со поголеми огнови, со повеќе деца, со повеќе песни итн. Важно е за овие огнови што децата ги прескокнуваат со верување дека ќе се очистат не само од болви, вошки и други паразити, туку и од негативните демони, но најповеќе од гревовите.
Во Разлошко овој оган се вика Гаро. Целото попладне децата го подготвувале Гарото, а уште пред да го запалат девојките пееле:
Јунак стрелба стрелаше,
стрелите му падаа,
на момини дворове.
Мома двори метеше,
и си стрели береше.
Јунак и се молеше:
‒ Дај ми моме стрелите,
ќе ти одам прстенче!
По запалувањето на Гарото, вечерта, девојките играле оро без песни, а момчињата го прескокнувале Гарото, играле и пукале од пиштоли. Повозрасните момчиња фрлале стрели, наречени самострели кон куќите на девојките што ги сакале. Стрелите ги правеле од борова срцевина, натопена со боров катран, на врвовите му лепеле боров катран од колите, потоа ги запалувале од Гарото и така ги фрлале кон куќите на саканите девојки. Во Банско овој оган се викал Стрелачка и околу него не се играло оро.
Д. В. Македонски забележал кон крајот на 19-тиот век дека во селата Емборе, Дебрец и Палиор во егејскиот дел на Македонија децата, исто така, правеле голем куп од дрва, смреки и слама, наречен Ерле и навечер на празникот го палеле со пукање од пушка или пиштол. Ако тоа не успеело дури тогаш го палеле со оган. Околу него пееле, а потоа запален сноп слама (ʼржаница) носеле дома со верување дека летото нема да има болви. Вакво Ерле правеле децата од секоја маала и се натпреварувале чие ќе гори последно.
Во Струга, како што е запишано во зборникот на браќата Миладиновци, се изведувал обичајот наречен Лапрди. „На Поклади вечерта децата играет околу црков со лапрди. Лапрди сет дрʼгови, не толку дʼлги, на врхот расцепени и в цепот накладено сено сврзано. В сеното клавает јаглен, и вртет лапрдата, на десно, на лево, дури да се запалит сеното и да изгаснит. После оставет драговите в црква“.
Во селото Вʼмбел, Костурско овој оган го викале лʼнго. Имено неколку дена пред празникот собирале суви дрва и гранки кои ги складирале на едно место во маалото. Заедно со тоа се правело и лʼнгото. Долги стебла се составувале со ковење потоа ги исправале и на врвот ставале маалско знаме. Во време на грчката окупација доаѓала полицијата да види дали тоа не е некое „комитаџискко“ знаме. Секое маало си имало место каде се подигнувал лʼнгот. Откако ќе го исправеле и зацврстеле лʼнгот го ределе со суви дрва, прнар, рошки (суви гранки), слама и така правеле пирамида од околу 3-4 метра. Целата оваа направа била наречена Укала. Укалата се палале пред заоѓање на сонцето и околу нив се играло и пеело. Нагорени гламни се користеле за нажежување на некој болен или за подгорување на влакната на добитокот за отстранување на болестите од луѓето и животните.
Во селото Мрзен, Кавадаречко, вечерта пред зајдисонце сите млади невести облечени во невестинска руба, придружени од своите свекрви, золви ио јатрви, оделе на чешмата на групно клањање (поклонување). Тука правеле три наклони.
Понеделникот по Прочка се вика Чист Понеделник и тогаш започнуваат долгите Велигденски пости. На овој ден се чисти куќата, особено се внимава садовите за храна да се измијат и испоснат од мрсното. Во минатото тоа се правело со брашно или пепел и со подолго вриење. Ефтим Спространов забележал дека во Охрид, во втората половина на минатиот век, целата ова недела по Прочка се викала Чиста недела и секој ден одделно: Чист понеделник, Чист вторник итн. Понабожните три дена ништо не јаделе, а во средата оделе во црквата каде што земале светена вода наезмо, а потоа дома приредувале гозба, со посна храна, на која ги канеле роднините и пријателите. Овој строг пост трите дена по Прочка се вика Тримери, а самиот чин постење, односно гладување тримерење.
Во врска со овој празник се и карневалите што се одржуваат во Струмица и Прилеп. Празнувањата во Струмица се во врска со тримерските празнувања, кога се изведуваат богати обичаи за свршените. Обичаите со варењето на посен (бел) грав, со синиите, пеењето на еротски песни и играње на орото „Црна кокошка“, посетата на Цареви Кули и сл. отсекогаш го привлекувале вниманието на намерниците и случајните минувачи. Во карневалот, пак, што се одржува во овој град по повод овој празник очигледни се влијанија на големите светски карневали. Карневалот во Прилеп е впечатлив по автентичните маски од мечки кои ја продолжуваат вековната традиција на празнувањето на касапите од овој град.
Празникот Прочка претставува голем празник за македонскиот народ и со него се поврзани богати обичаи и верувања. Очигледно е дека проштевањето е обичај востановен под влијание на црквата, а забавите, како што се оние околу огновите, гатањата за среќа, карневалите и сл. се остатоци од претхристијанските пролетни забави.
Мијачки бајрак
Мијаците како племе отсекогаш настојувале да ги задржат карактеристиките по кои ќе бидат препознатливи. Една од нив е и поседувањето на мијачкиот бајрак. Српскиот учен д-р Цвииќ запишал дека ниту едно друго население нема толку голема гордост и стремеж за самостојност како Мијаците. Мијакот отсекогаш се гордеел со своето име оригинално и самостојно, и со својот вроден интелект и мудрост да знае да ги чува придобивките, а со тоа да ги штити интересите на своето племе.
Бајракот е симбол на држава или на народ. Најчесто се употребува во војска. Под него обично се полага заклетва, па затоа и носителот, во случај на војна не смее да падне во непријателски раце. Во војна тој е знак за зборно место.
Бајракот кај Мијаците е голем и поставен на прат наречен сорок, долг повеќе од три метри. На врвот од овој прат има изрезбарен дрвен крст. Бајракот е поставен од крстот надолу до дрвеното јаболко кое е некаде во средината на пратот и не дозволува да се лизга.
Бајракот е сошиен од три долги платна: горното и долното се црвени, а средното бело. Платната завршуваат клинесто на чии врвови има кончени китки од иста боја.
На горното црвено платно има навезено: крст, како оној на врвот од пратот, двоглав орел и полумесечина. Двоглавиот орел е остаток од богомилските времиња и Византија, а полумесечината со ѕвезда е илирски симбол. За Илири во средновековието се сметале сите јужни Славјани, па и Мијаците.
А двоглавиот орел е средновековно обележје кое се среќава по многу наши цркви и манастири. Така, во манастирот Свети Јован Бигорски го има на две мермерни плочи. Се верува и претпоставува дека полумесечината била примена дури кога Мијаците ја признале турската власт. Приказната за тоа вели дека турскиот цар и не знаел дека Мијаците постојат како племе. Не знаел дури ни дебарскиот кадија се дотогаш, додека еден ден не ја изгубил својата омилена мазга. А таа залутала во непрегледните шуми на Бистра, по една од притоките на Радика. Луѓето на кадијата се вдале во чешлање на многувековните буки и дабови дрвја и притоа го откриле населбите на Мијаците кои се протегале по течението на Мала Река.
Кадијата Емил Хаџи (така се викал) му јавил на царот дека во царштината се уште има племиња за кои царот не знае. А царот, некој многу умен човек, наредил да се изврши попис и со главешината на племето да се склучи договор. А во него стои: Мијаците да ја признаат неговата власт, да пришијат на својот бајрак полумесечина, а царот ќе ги остави да живеат во мир. Така и било, се раскажува во приказната што ја препишав од материјалот што го забележал д-р Тома Смилјаниќ Брадина (во ракопис) и се чува во МАНУ. Брадина е роден во Тресонче на 13. 06. 1888 г. Во Франција ги завршил студиите по географија и во Клермон феран докторирал на тема „Нашите стари племиња Мијаци и Брсјаци“. Тој е прв доктор на науки во Македонија. Течно говорел шест јазици.
Во средината на бајракот се наоѓа бледо жолт крст окружен меѓу ИС-ХР што означува мијачка верба во Христа, и ознаката НИ-КА што значи победа. Кај некои знамиња во средината на белото платно е сошиено сонцето од Виргина.
На долното црвено платно се пришиени: копјаник, крст и лав. Бајракот не е произведуван сериски, па затоа и не е истоветен во сите детали. Тоа зависело од моќта на домаќинот што го нарачувал. Така побогатите на сорокот ставале крстови изработени во резба, со сребрени или пак златни опточувања. Итн.
Во научната литература е забележано дека бајракот на Мијаците е истоветен со еден бајрак што се чува во манастирот Хилендер на Света Гора. А добро е познато дека врската меѓу Мијаците и светогорските манастири особено манастирите Хилендер и Зограф постоела од дамнина. И дека селата Радостуш (сегашно Ростуше), Битуши, Аџиевци и Велебрдо биле дарувани на овие манастири.
За време на петвековното турско владеење, мијачкиот бајрак како да го загубил племенското значење. Но, затоа овој симбол попримил други својства, други карактеристики. Да ги опишеме и нив.
Сега тој веќе не е белег на племето, ами белег на родот. Секое поголемо семејство, род, имало свој бајрак. Тој секогаш се чувал кај најстариот во родот. Во Лазорополе имало само неколку бајраци, кај многу познати семејства. Се ваделе само за време на свадби.
Бајракот го означува почетокот на свадбените обичаи во мијачката, а со тоа и во лазороската свадба.
Свадбата во Лазорополе трае неколку дена. Во сабота кај момчето, се поставува бајракот. Уште во зори, куќата на младоженецот е исполнета со роднини. Најзабележителен меѓу нив е стариот побратим и бајрактарот. Бајрактарот е најмлад зет за сестра или братучеда. Се е подготвено (уште од вечерта) за редење на бајракот. Веќе е искитен со цвеќиња сорокот (врвот што завршува со дрвен крст кој е длаборез) и на кој е поставено мијачкото знаме.
Бајракот се поставува на еден агол од куќата на претходно подготвена и закована лепарушка на една греда од стреата. Стариот побратим објавува со неколку истрели од пушка дека бајракот е поставен. Тоа е на некој начин и официјална потврда дека започнала свадбата. Сето друго што се случувало пред ставањето на бајракот, биле само претсвадбени церемонии.
Ставањето на бајракот е проследено со многу убава песна. Еве ја нејзината содржина:
Пејет пиле на високи полесок,
будит моме здраво и весело:
„Стани моме да би не станало
по ридови с’лнце огреало.
По чардаци крстати бајраци,
по дворови китени сватови
по прикледи шарени ковчези
а пред кледи млада зетелина
и во кледи свршена девојка, и-и-и!“
Носител на бајракот за време на целата свадба е исклучиво бајрактарот. Кога се оди по невестата, се качува на оседлан коњ, го прима бајракот па го заглавува на едната узенгија, а со десната рака го држи цврсто.
Кога во неделата сватовите тргнуваат по невестата нив ги предводи бајрактарот. Тој вјава пред сватовите, а девојките му пеат:
Бајрактаре, селски главатаре,
бајрактаре царски азнатаре.
Ако пак некој сака да се мајтапи со него, тогаш ги тера девојките да пеат:
Бајрактаре, селски говедаре.
Бјрактарот како предводник на сватовите тргнува кон куќата на девојката надесно, водејќи притоа сметка и враќањето да биде пак надесно, по друг пат.
Селските првенци од сите мијачки села по потреба правеле исклучително важни собири на кои биле донесувани решенија. Најчесто велат дека ваквите средби се одржувале во Главино село, а подоцна кога ова село се раселило, во манастирот Свети Јован Бигорски. На еден таков собир што се одржал кон крајот на деветнаесеттиот век било решено едно многу значајно прашање од свадбените обичаи на Мијаците. Дотогаш кога се сретнувале сватови на две свадби никој не се тргал од патот да направи простор да поминат сватовите од другата свадба. Секој сакал да биде од горната страна на патот при преминувањето. Како победник. Често ваквите средби завршувале со тепачки. Затоа собирот решил: секогаш одењето на сватовите по невестата предводени од бајрактарот да биде десно во насока на „мијачки џеп“. А џеп во мијачката машка носија имало само ќепето (наречен пазуварка). Значи буквално оттогаш во свадбените обичаи кај Мијаците е воведена практиката сите кинисувања да бидат надесно. На овој начин сите свадбени поворки, само можат да се стасаат, никако и да се сретнат. А во Лазорополе особено за Илинден можело да се случи во ист ден да има и по дваесетина свадби.
Кога сватовите пристигнуваат во куќата на девојката, бајрактарот му го предава бајракот на таткото на девојката, кој го зема и става пак на високо за да може да се види од сите страни на селото. А по завршувањето на сите обичаи, откако девојката е качена на коњ поворката на чие чело е пак бајрактарот трга кон куќата на зетот.
Бајракот останува да се вие една недела по завршувањето на свадбените церемонии. А потоа повторно во зората се собира, здиплува и остава да ја чека наредната свадба.
Денес мијачкиот, а со тоа и лазорскиот бајрак го има само во Етнолошкиот музеј во Скопје во пет верзии. Голема благодарност кон господинот Јован Шурбановски, етнолог, што ми овозможи да ги видам и да ги сликам.
Од книгата „Тешкото од Лазорополе“ од Блаже Смилевски, Скопје 2006 г.