ВМРО-ДПМНЕ преку Манифестот за единствена Република Македонија повикa за национално обединување на сите граѓани, верски организации, партии, општествени чинители.
Прв принцип е обединување околу националниот интерес, втор принцип е интеграција во едно општество, трет принцип владеење на правото за успех на државата и четврт принцип е пазарна економија за подобар стандард на секој граѓанин.
-За да не води кон визијата за нашата држава која претставува Единствена матична земја на Македонците, каде обединети живеат со сите граѓани кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите народи. Им припаѓа подеднакво на сите свои граѓани без разлика на потекло, религија, мајчин јазик, а преку неа тие ќе се здружат со сите балкански народи во рамки на Обединета Европа. Ја одржува историската врска со македонската дијаспората како нераскинлив дел од нашата нација. Ја истакнува македонска традиција на соживот и сплотеност во различностите, што не е слабост, туку богатство кое вреди да се негува и кое не води напред. Помагањето и солидарноста за сите кои имаат потреба, било да се Македонци, Албанци, Турци, Роми, Срби, Власи, Бошњаци или други, е наша заедничка одлика. Тоа не прави луѓе, пред се. Дава исти права и бара исти обврски од сите, а успехот и среќата во животот зависат од способноста на секој човек поединечно, рече Милошоски.
Владеењето на Правото го смета за основен предуслов за успех на државата и поединецот во неа.
-Има отворена пазарна економија, каде се поттикнува секој – не да учи само за диплома, туку да стекне знаење, да развива способности, како и да иновира и превзема ризик, а со тоа и да успева да го реализира сопствениот сон. Колку повеќе граѓани со таков капацитет, толку поуспешна држава. Негува добрососедство и непроменливост на граници со сите околу нас, бидејќи истото е предуслов за мир и просперитет. Нагласува дека стабилноста на Република Македонија е предуслов за стабилноста на цел регион. Памети кому сме му помагале во тешки моменти. Гради иднина базирана на почитување на човековите права, вклучително и право на самоидентификација. Тие што го кршат ова право, не можат да ни го земат, рече Милошоски.
Тој нагласи дека тргнувајќи од оваа обединувачка замисла за државата, нивната мисија е да обезбедат „иднина на нашиот народ во демократска, унитарна, политички стабилна, праведна, напредна и пазарно ориентирана држава – Република Македонија, каде претприемништвото е движечка сила, а ние сме сплотени како дел од нашето пошироко Европско семејство“.