Министерството за надворешни работи на Република Македонија соопшти дека силно го осудува секој акт на насилство, вклучително и вчерашниот насилен инцидент во Собранието на Република Македонија, што никако не смее да биде начин за справување со предизвиците.
– Обидот за избор на претседател на Собранието, вон процедурите пропишани со Уставот и законите на Република Македонија, како и на Деловникот во Собранието, беа повод револтирана група граѓани насилно да влезе во просториите на законодавниот дом. Тоа резултираше со неколку повредени лица, меѓу кои и членови на Парламентот, се наведува во пишаното соопштение до медиумите од МНР.
Со интервенција на органите на редот, како што додаваат од МНР, сите пратеници се безбедно евакуирани, а ситуацијата е смирена.
– Претседателот на Република Македонија Ѓорѓе Иванов преку телевизиско обраќање, побара од граѓаните да останат смирени и присебни, и да не подлегнуваат на провокации, лажни вести и манипулации. Побара одговорно однесување од сите надлежни институции, кои мора да ги почитуваат Уставот и законите на Република Македонија. Повика за итно одржување лидерска средба на челниците на политичките партии, со цел, преку дијалог и преку институциите на системот, да се изнајде решение за политичката криза и за смирување на тензиите, се наведува во соопштението.
Министерството за надворешни работи апелира за поддршка на дијалогот меѓу политичките чинители во рамките на институциите, со целосно почитување на уставниот поредок, како единствен пат кон одржливо решение на политичката криза.