Премиерот Зоран Заев денеска оцени дека има поголеми перспективи за решавање на прашањето за името, заради воспоставените пријателски односи со Грција.
– Убеден сум дека денеска има и тоа како поголеми перспективи за решавање на ова чувствително прашање, проблемот којшто Република Грција го има со нашето уставно име. Зошто, заради пријателскиот однос – истакна Заев одговарајќи на новинарско прашање.
Во најмала рака, како што посочи, нема провокации коишто беа декларирани дека се случувале од Република Македонија кон Грција.
– Не, градиме пријателски односи. Еве се случија двете посети на министрите за надворешни работи на нашиот на Атина и на грчкиот министер за надворешни работи на Скопје. Навистина на двете средби пријателскиот однос е создаден. Е тоа не е решение, но еден чекор е направен. Верувам дека под медијаторство на медијаторот Метју Нимиц, но и дека во декември, јануари и фервруари веќе ќе имаме нови решенија за разгледување на овој проблем, истакна Заев.
Нашиот став, како што рече Заев, останува непроменет.
– Заедно со опозицијата ќе навлеземе во решавање на ова прашање каде што и заедно ќе излеземе на референдум којшто ќе биде конечен како конечна одлука на граѓаните на Република Македонија, рече премиерот.
Јас, како што посочи Заев, би сакал уште вчера да беше решено ова прашање и би сакал и претходната влада да можела да го реши.
-Меѓу другото знаете дека бев многу често и предавник по ова прашање заради тоа што апелирав кон владата да посегне со нашата поддршка како тогашна опозиција кон решавање на ова прашање. Се немаше сила и храброст. Јас верувам дека храброст има оваа Влада, но секако со консензус заедно со опозицијата да навлеземе во решавање на овој горлив проблем, истакна Заев на денешната прес-конференција по повод поминатите сто дена од формирањето на Владата.