ОТА ќе прислушува ама нема да слуша


Оперативно-техничка агенција или скратено ОТА треба да биде институцијата во која ќе се преселат уредите преку кои се вклучува и исклучува сигналот за следење на комуникациите. Таквите уредите досега се наоѓаа во Петтата управа во УБК и таму ќе останат сè до крајот на октомври идната година бидејќи од 1 ноември 2018-та е планирано да профункционира оваа институција.

Ќе биде надвор од дворот на МВР, ќе работи како независно тело кое ќе се смести во посебна зграда. Во која зграда и колку вработени ќе има, засега сè уште не се знае, дополнително ќе се прават анализи и проценки.

Предлог-законот за ОТА, како и оној за следење на комуникациите, синоќа поминаа на владина седница и ќе се достават до Собранието, а се очекува по празниците да се најдат и на дневен ред пред пратениците.

ОТА, како што денеска на брифинг со новинарите ја претставија министерот Оливер Спасовски и директорот на УБК Горан Николовски, ќе претставува медијатор помеѓу телефонските оператори и оној што го бара прислушувањето.

Институции кои во Република Македонија можат да прислушуваат се УБК при МВР, Царинската управа и Управата за финансиска полиција. Тие и понатаму ќе бидат институциите кои ќе располагаат со прислушуваните разговори, меѓутоа нема да може да прислушуваат додека не се „притисне копчето“ во ОТА. Имено, откако една од овие институции ќе добие одобрение односно наредба од судот дека одредено лице може да се прислушува, известување за наредбата ќе добие и ОТА. Од оваа агенција ќе го вклучат сигналот и ќе пристапат до операторите кои се должни да ги обезбедат сите неопходни услови за да се овозможи следењето на комуникациите.

Вработените во ОТА нема да може да ги слушаат разговорите ниту пак, ќе знаат кој се прислушува бидејќи до нив ќе биде доставен само телефонскиот број (без идентитет) кој треба да се следи.

Со оваа институција ќе раководи директор кој ќе биде избран од Собранието, а ќе го предложи собраниската Комисија за прашања на избори и именувања по претходно распишан конкурс. Мандатот ќе му биде пет години и нема да има право повторно да аплицира за таа позиција.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1