Собранието на Република Македонија денеска усвои седум одлуки за основање пратенички групи за соработка со други парлементи, за претседатели, членови и заменици на собраниски комисии, за избор на членови на Комитетот за односи меѓу заедниците… за кои расправата беше завршена уште вчера.
Пратеникот Хари Локвенец како претседавач на Комисијата за прашања на изборите и именувањата заеднички ги образложи сите седум предлози.
– Комисијата ги разгледуваше предлозите за промени во составот на органите и телата во составот на Собранието. Станува збор за комисиите, делегациите, советите и комитетите. Сите со преставници на членови на парламентарните групи во Собранието на Р.М. До Комисијата беа доставени предлози на парламентарната група на Коалицијата предводена од СДСМ, од движењето БЕСА, од коалицијата Алијанса на албанците, од ДПА и партијата ДУИ, рече Локвенец на вчерашното продолжение на оваа седница.
Посочи дека со тоа ќе се овозможи спроведување на државните политики и претставување на Македонија и Законодавниот дом на Р.М.
По завршувањето на седмата точка, се прејде на гласање по деветтата, со оглед на тоа што расправата по осмата – Законот за употреба на јазиците во трето читање, претседателот на Собранието Талат Џафери ја одложи уште вчера.
– Обработката на сите амандмани, вкупно 35.569, не се довршени. Имајќи ја предвид деловничката обврска тие да се преведат, формалните услови за отворање претрес по оваа точка не се исполнети. Затоа преминуваме на наредна точка – рече вчера Џафери и најави дека расправата по оваа точка ќе продолжи откако ќе бидат исполнети условите за тоа.
Без расправа Собранието во прво читање ги усвои измените и дополнувањата на Законот за заштита на укажувачите, чии основни цели се усогласување на Законот за заштита на укажувачи со препораките по однос на истиот дадени со мислењето на Венецијанска комисија, надминување на непрецизноста и обезбедување внатрешна усогласеност на законските одредби што ги уредуваат каналите за заштитено пријавување и заштитата на укажувачите.
Со законот треба и да се унапреди легислативата со која се уредуваат каналите за заштитено пријавување и заштита на лицата (укажувачите) кои заради заштита на јавниот интерес пријавуваат незаконито и недозволиво постапување во јавниот и приватниот сектор, на начин утврден со закон.
Усвоени во прво читање беа измените и дополнувањата на Законот за народниот правобранител, со кои треба да се зајакне заштитата на човековите права во согласност со стандардите на Советот на Европа и други меѓународни стандарди, и да се обезбеди поддршка и заштита на жртвата/ите и нејзините/нивните интереси да се презентирани во сите постапки, преку ефикасна и транспарентна истрага при кривични дела и други незаконити постапувања извршени од страна на вработени во Министерството за внатрешни работи при примена на полициски овластувања и од припадници на затворската полиција.
Собранието во второ читање ги усвои Предлог законот за дополнување на законот за извршување на санкциите, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за јавнообвинителска служба, Предлог законот за изменување на Законот за користење и располагање со стварите во државна сопственост и со стварите во општинска сопственост, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот заштита на децата, Предлог законот за изменување на Законот за инспекцијата на труд, како и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност.
Пратениците ги усвоија и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за електронските комуникации, Предлог законот за дополнување на Законот за класифицирани информации, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за внатрешни работи, Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за полиција, и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за полиција, сите во второ читање, како и измените и дополнувањата на Законот за учебници за основно и средно образование.