Граѓаните, жители на улица „Пандо Кљашев“ во општина Кисела Вода не успеаја да го спречат налетот на тешката механизација на градежната фирма која гради четирикатна зграда на еден од малкуте останати простори во населбата во Пржино, објави ТВ Нова.
Потпорниот ѕид се урнал рано изутрината по што оваа уличка потона во огромната дупка ископана за да се направи простор за темелите на новата градба по димензии кои треба да ги задоволат апетитите на инвеститорите.
„Во вторникот го блокиравме патот за механизацијата која претходно целосно ја уништи уличката која ни е единствен пристап до нашите домови. Залудни беа нашите апели до полицијата и инспекцијата во Општината. Им рековме дека потпорниот ѕид не може да го издржи ова и дека ќе падне, а инспекторите ни се смееја. Ова е срамота. И еве што се случи од ветувањата на локалните избори дека ќе се спречат ваквите градби“, вели еден од жителите на улицата „Пандо Кљашев“, кој бил излезен заедно со своите соседи и дал изјава.