Велики четврток – и на најголемите грешници денес им се простуваат гревовите


Со вечерната богослужба на Велика Среда завршуваат великоипосните богослуженија, а продолжуваат посебни богослужби, со друг состав и со особено значење. До Велика Среда во богослужбените текстови има поттик за плач на луѓето заради својата грешност, а од Велики Четврток започнува поинаков плач на верниците – плач од глетката на ужасните страдања, мачења и распнување на Христа Спасителот.

Тогаш се испомешани чувствата на плач и радост – плач за маките на Христа, а радост поради нашето спасение и благодарност кон Бога. Таа неопислива промена на чувствата ги возбудува срцата на верниците и ја исполнува душата. Тоа е време со наплив од горки и радосни чувства, умилителни и животворни молитви, богољубивост и црквољувие.

Велики Четврток е денот на Тајната вечера. На овој ден се повикуваат верниците на Причест, затоа што на Велики Четврток е востановена Светата причест, на Тајната вечера. Тоа е Празникот на Причеста. Тогаш, од рацете на Господа Исуса Христа, директно ја примиле Причеста светите апостоли и во тој спомен е овој ден на Причеста. И во пофалната песна за Богородица, која се пее на Литургијата (место Достојно…) се повикуваат верниците на Христовата вечера на бесмртната трпеза. А, место Херувимската песна, денес се пее за Тајната вечера, се изобличува Јуда, а се воспева благоразумниот разбојник.

На Велики Четврток, на крајот од Литургијата (по замвонската молитва), се извршува чинот: Архиерејското миење на нозете на 12 свештеници, кои ги претставуваа 12 апостоли на Тајната вечера. За тоа време се читаат текстовите од евангелијата, кои говорат за тоа како Христос им ги измил нозете на апостолите, почнувајќи од Јуда, за да не рече дека го запоставил, па затоа го предал и завршувајќи со Петар, којшто се пофалил дека и сите да се одречат од Него, тој нема тоа да го направи, а уште ноќта трипати се одрекол од Христа.

Црковното предание и нашата стара традиција уредиле на Велики Четврток, рано наутро, пред изгрејсонце, да се вапцуваат првите Велигденски јајца.

За Велики четврток во народот постојат разни верувања и обичаи, но при одбележувањето нема веселење, туку само собири.

Во раните утрински часови, пред изгрејсонце, домаќинките вапсаат три црвени јајца, кои според верувањето не се расипуваат. Првото вапсано јајце му се наменува на Господ и се нарекува Господово јајце. Второто е за домаќинот на семејството. Третото е за бериќет и за стоката.

Црвените јајца во христијанството се симбол на воскресението Христово и на самиот празник Велигден. Формата го претставува гробот на Христос, како што од јајцето излегува живот кога ќе се испили, така од гробот излегол Исус Христос.

Црвената боја има симболика на победа. Нејзиното значење на овој голем Христијански празник е дека Господ Исус Христос со своето воскресение ја победил смртта. Таа ја претставува божјата сила и моќ, а воедно ја симболизира и Христовата крв, која Исус ја пролеал на крстот за спасение на сите луѓе на земјава.

Пасхалната вечера, го поврзувале јадењето на Пасхалното јагне со јадењето на телото Христово. Се поистоветува Христовото тело со закланото Пасхално јагне. Ова е слика како Господ Исус Христос Го зема врз себе обичното човечко тело, Го благословува и го издигнува до спасението, и допушта тоа Негово тело да биде прекршено и дадено на сето човештво за спасение, преку Светата евхаристија.

Виното на Тајната вечера ја претставува Христовата пролиена крв, која е „крв на Новиот завет“, односно, преку која се создава Новиот завет, новиот договор (тестамент) меѓу Бога и човекот. Со Голготската жртва на Господа Исуса Христа престанува крвната жртва во новозаветната Црква и се создава нов, многу посовршен завет од Стариот завет.

Во Христовата смрт симболично се гледа смртта на Пасхалното јагне. Таа претставува почеток на Новиот завет и нова жртва за гревот на човекот, односно „за простување на гревовите“ (Матеј 26,28) и за спасение.

 

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1