Седницата на која Парламентот повторно ќе гласа за Законот за ратификација на Договорот за спорот за името ќе се одржи на 5 јули. Ова било договорено на денешната координативна средба на претседателот на Собранието, Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи.
Минатата недела во Собранието на Република Македонија беше доставена одлуката на претседателот на државата Ѓорге Иванов со која тој информира дека нема да го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на Kонечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните.
Собранието на Република Македонија го ратификуваше Договорот за решението за спорот за името на 20 јуни со 69 гласа „за“ и 40 „против“, а истиот ден тој беше потпишан од страна на Џафери и испратен до Кабинетот на Иванов, кој како што најави го врати законот во предвидениот рок без да го потпише Указот.
Сега повторно се на потег пратениците. За да го изгласа законот за ратфикација на Собранието му е потребно мнозинство од 61 глас „за“. Доколку повторно се изгласа, договорот во тој случај повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.
Претседателот на Собранието Џафери најави дека по прегласувањето ќе го испрати законот во Службен весник на Република Македонија со еден потпис, а исто така ќе постапи и за Законот за употреба на јазиците, чијшто указ Иванов не го потпиша.