Двегодишно дете почина на Инфективна од менингококна бактерија која предизвикала тешка форма на сепса. Болеста кај детето се јавила еден ден пред да биде донесено со Брза помош од Прилеп. Според лекарите станува збор за ретко заразно заболување кое се карактеризира со многу тешка клиничка слика.
– Ваква клиничка манифестација на болест е исклучително ретка со висока смртност и покрај преземање на сите потребни тераписки мерки. Болеста почнува нагло, а симптомите се често неспецифични посебно кај деца до четиригодишна возраст, како што е и ова дете. Во наредните часови од почетокот на болеста таа прогресира во најтешка форма која, за жал, завршува со смрт, изјави д-р Милена Стевановиќ, директор на Клиниката за инфективни болести.
Детето живеело со странство, а во прилепско Житоше со семејството престојувало месец и половина и според епидемиолозите болеста најверојатно ја добило во Македонија.
– Се земаат и лабораториски материјали за да се види дали постојат одредени носители и да се намали ризикот од евентуални нови случаи, иако, како што рече, тоа е исклучително ретко. Оваа болест најчесто се јавува кај поединечни случаи, изјави д-р Владимир Микиќ, епидемиолог во ИЈЗ.
Дополнителните испитувања треба да покажат како заболело детето. До понеделник треба да бидат готови и лабораториските анализи на земените материјали од лицата кои кои имале близок контакт со детето.
Од Институтот за јавно здравје велат дека менингококна бактерија во форма на сепса немало во Македонија последните две децении. Според лекарите заболувањето почнува со висока температура, вознемиреност, гадење, повраќање, треска, може да се јави и мал осип.