Србија во поранешните југословенски републики оставила над илјада воени станови, но и подвижен воен имот, што е запленет при повлекувањето на ЈНА.
Колкава е вредноста на тој имот, но и на оној кој го бараат поранешните југословенски републики, ќе се знае на 13 септември, на состанокот на Меѓуесорската работна група за спроведување на Анексот А од Договорот за сукцесија, објавија „Новости“.
Тоа е прв состанок на тема Анекс А од кога почна делбата, а домаќин е Белград. Се очекува дека на собирот ќе биде поставена рамката за натамошните преговори, дека ќе се излезе со податоци за тоа што спаѓа под воен имот и кој што бара.
Најголеми барања имаат Србија и Хрватска.
Хрватските експерти во Министерството за одбрана проценуваат дека вредноста на имотот на поранешната Југословенска армија изнесува 70 милијарди долари, од кои Загреб бара 10 милијарди – осум од Србија и две од Црна Гора. Меѓу другото, Хрватите бараат тенкови, артилерија, подморници, бродови … Колку нивната проценка е точна, ќе покажат архивите на поранешната СФРЈ, бидејќи, како што очекуваат претставниците на поранешните републики од Белград, во таа прилика треба да се отвори документацијата која му припаѓала на поранешниот Сојузен секретаријат за народна одбрана, складирана во Србија, наведува весникот.
Инаку, според Договорот за сукцесија од 2004 година, недвижниот имот (касарни, воени команди, одморалишта), се пренесува на државата сукцесионер на чија територија се наоѓа, па тоа не би требало да биде тема на разговор.
Загреб досега единствен истапи со барања но и натаму не именува свој претставник во Мешовитата работна група.
Од февруари, кога првпат е најавен собир во Белград, има барања од Хрватска за повеќе од 500 тенкови, за хеликоптери, канадери…Како што тврдат, повеќе од 80 проценти од флотата од поранешната југословенска морнарица завршиле во Бока Которска, а од Црна Гора во натура се бара враќање на школскиот брод „Јадран” и „Миг-21“ на Рудолф Перешин.
Воениот аналитичар Александар Радиќ истакнува дека сукцесијата на имотот на поранешна ЈНА ќе биде исклучително тешка задача. Според него, Хрватите, како и другите соседи, ќе излезат со ставот дека Србија од ЈНА земала се за себе, а со тоа и честопати се манипулира со вредноста на имотот, а особено со воената техника. Копјата особено ќе се кршат околу становите со кои располагаше ЈНА во сите републики, наведува тој во изјава за весникот.
Според тврдењата на Сава Штрпац од „Веритас“, само во Хрватска, Србите – цивили, воени лица и полиција, оставиле меѓу 40.000 и 50.000 станови, од кои немал дел припаѓал на армијата, а засега само 2.000 барања од програмата за домување се позитивно решени.
-Хрватите инсистираат на тоа дека најголем дел од научните капацитети на ЈНА и припаднале на Србија – пред сè, Военотехничкиот центар во Жарково, Техничко-истражувачкиот центар, Воено-медицинската академија (ВМА)… И тука треба да се очекува да има некој вид барање или предлог за компензација”, вели Радиќ.
Според него, Словенците се посебен проблем, бидејќи ЈНА при повлекувањето од оваа република, во октомври 1991 година, остави дел од оружјето и техниката да ги чуваат локалните власти. Имаше договор, орочен до завршувањето на сукцесијата на државниот имот, но тоа прашање никогаш не беше затворено до крај.
Најмалку проблеми треба да има со Македонија, бидејќи, според договорот, таа земја се откажа од сите барања за имотот на Армијата, нагласува весникот.