Министерството за внатрешни работи поднесе прекршочна пријава против актерката Ирена Ристиќ според член од Законот за прекршоци против јавниот ред и мир кој предвидува дека на лице кое „на јавно место се оддава на пијанство или во пијана состојба го нарушува јавниот ред и мир ќе му се изрече глоба во висина од 100 до 400 евра во денарска противвредност“.
Актерката Ристиќ која е познат граѓански активист на својот профил на Фејсбук утрово објави дека ноќеска била приведена во полициска станица и однесена во Психијатриската болница.
Во билтенот на МВР е регистриран случајот дека синоќа по полноќ на булеварот „Илинден“, Ристиќ заедно со уште едно лице го нарушиле јавниот ред и мир на тој начин што викале на висок тон и дрско и непристојно се однесувале.
По непристојното однесување, лицата биле приведени во Полициската станица Центар за понатамошна постапка, стои во билтенот на МВР.
„И.Р. (43) одбивала да и биде извршено алкотестирање и поради тоа била однесена во Ургентен центар при комплексот Клиники ‘Мајка Тереза’ за да ѝ биде земена крв и урина за анализа за присуство на алкохол. Таа, исто така, одбила да даде крв, по што била однесена во ЈЗУ Психијатриска болница – Скопје, со цел добивање на мислење од стручно лице врз основа на надворешните манифестации и симптоми на лицето. После тоа, И.Р. била вратена во Полициската станица Центар и во 04.30 часот била ослободена“, стои во билетнот на МВР.