Крокодил од Зоолошката градина во Скопје избегал од своето живеалиште, направил кратка прошетка и влегол во езерото со патките, потврдија од Зоолошката градина, пишува Призма.
Според директорот на Зоолошката, Ѓорги Галетановски, настанот што се случил не бил единствен, тие и претходно имале дојави дека крокодилот излегува од своето живеалиште и дека треба да се смени ниската ограда.
КРОКОДИЛОТ НЕ МОЖЕ ДА ИЗЛЕЗЕ ОД ЗООЛОШКАТА ИАКО СИНОЌА ПРЕСПАЛ КАЈ ПАТКИТЕ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРОТ ГАЛЕТАНОВСКИ, објави СДК.МК
„Крокодилите не можат да излезат додека има посетители оти тие немаат пристап, односно езерото е длабоко и е во внатрешноста на живеалиштето. Исто така, преку ден постојано околу живеалиштата има Зоо негуватели. Нема шанси да избега ниту од објектот на Зоолошката градина кој е соодветно заграден“, вели директорот Галетановски.
По ноќната прошетка на крокодилот надлежните констатирале дека оградата е ниска и треба да се смени, но како што вели Галетановски, тоа ќе го направат на пролет бидејќи за кусо време овие животни ќе бидат преместени во нивните зимски живеалишта.
Од Зоолошката градина велат дека ова не е прв пат крокодилот да го напушти живеалиштето, но никогаш немало никакви проблеми оти тоа се случувало ноќе, кога нема посетители.