Во Брисел вчера започна историскиот скрининг-процес за пристапување во Европската унија. Скринингот почна со Поглавјето 23 Правосудство и фундаментални права.
Во Европската комисија во Брисел се наоѓа 40-члена делегација составена од експерти од надлежните државни институции кои имаат надлежности во дадената област, предводена од главниот политички преговарач вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, а во нејзиниот состав се и министерката за правда Рената Дескоска, главниот технички преговарач Бојан Маричиќ и експерти од Секретаријатот за европски прашања.
– Ова е историски момент за нашата земја, и за мене вистинска чест како главен преговарач, да го одбележам почетокот на скрининг процесот, како финална етапа во подготовката за преговори за полноправно членство во Европската унија, истакна вицепремиерот Османи на формалното означување на стартот на подготвителната работа за преговори за членство помеѓу Македонија и ЕУ.
Според него, европската и евроатлантската ориентација на земјата претставува точката на обединување на нашето општество уште од самата независност, а во процесот на приближување кон ЕУ, неповратно се вградени сите претходни влади, пренесувајќи ги интересите на земјата на своите наследници, кои продолжуваат онаму каде нивните претходници застанале.
Потсети дека административната структура, успешно ги имплементираше обврските кои произлегуваат од Спогодбата за стабилизација и асоцијација, а се потготвува и за процесот на преговори.
Османи ги претстави трите траектории по кои Владата, но и целата држава ќе се движат во рамките на евроинтегративните процеси.
– Државата паралелно ќе се посвети на имплементација на договорите за добрососедство со Бугарија и Грција, ќе го задржи реформскиот моментум за исполнување на забелешките и насоките на заклучоците од јунските совети, како и цврсти и бескомромисно ќе влезе во исполнување на обврските од објаснувачкиот скрининг, подготвувајќи се со тоа, на сите три полиња паралелно, за почеток на преговорите во јуни следната година, истакна Османи, посочувајќи на историскиот момент за одлука – „шанса која оваа генерација не смее да ја пропушти“.
Во овој дел опфатени се реформите за судството, јавното обвинителство, начинот на управување со предметите, одговорност на судии и обвинители, судскиот совет, совет на јавни обвинители, борбата против корупцијата објаснува Дескоска.
Скринингот трае околу една година и се спроведува врз основа на изготвен распоред од страна на Комисијата. По извршениот скрининг на соодветното поглавје, Советот одлучува за почнување на преговорите, по препорака на Комисијата.
За два месеца, во текот на ноември, треба да се одржи вториот состанок, овојпат посветен на поглавјето 24 наречен „правда, слобода и безбедност“.
Според новата методологија на преговори со ЕУ, воведена по последниот бран проширување, сите нови земји кандидати задолжително започнуваат со овие две поглавја, клучни за консолидирање на владеењето на правото, човековите права и правдата.