Грчките медиуми во своите извештаи за вчерашниот референдум во Македонија акцентот го ставаат на излезноста и на процентот граѓани што гласаа „Зa“.
„Победа на „ДА“ во ПЈРМ, но без потребната излезност“; „Над 91 отсто гласаа „ДА“ – 36,6 отсто излезност“; „91,3 отсто „ДА“ на референдумот, но со мала излезност“; „Заев решен: Гласот „ЗА“ договорот треба да се почитува“; „Референдум во ПЈРМ: „ДА“ со 91 отсто, но без излезност“; „Браво од Ципрас за Заев за одлуката да продолжи со спроведување на договорот“; „Заев: За Преспа ќе одам во Собранието, ако не успеам ќе распишам избори“; се дел од насловите во грчките медиуми.
Новинарите во Грција, детално ги пренесуваат изјавите на македонскиот премиер во однос на резултатот, изјавите на лидерот на ВМРО, но ги споменуваат и можните сценарија во однос на процесот на уставни промени.
На референдумот гласаа над 650 илјади луѓе, а над 90 отсто гласаа „Зa“, изјави во неделата вечерта, премиерот Зоран Заев, потенцирајќи дека народот направи важен избор и одлуката што ја донесе не беше лесна, но требаше да се донесе, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА на почетокот од опширниот текст посветен на вчерашниот референдум.