Вучиќ по средбата со Путин: Добивме сѐ што сакавме, детали не можам да откријам


Претседателот на Србија Александар Вучиќ изјави дека во разговорот со рускиот претседател Владимир Путин е добиено сѐ што било побарано. Тој истакна дека се согласиле за сите теми на разговорот

„Добивме сѐ што баравме. За сѐ се сложивме“, изјави Вучиќ за руската агенција ТАСС и истакна дека деталите од разговорот со рускиот претседател не може да ги открие.

ТАСС пренесува дека Вучиќ на новинарите во Москва, по разговорот со рускиот претседател, им кажал дека е задоволен од исходот и дека на Путин му се заблагодарил на поддршката на територијалниот интегритет и суверенитетот на Србија.

„Не очекувавме многу (од средбата), само едно нешто – продолжување на оваа работа (на поддршката на Србија). И многу сум задоволен од одговорот на претседателот Путин и јас му кажав „Ви благодарам многу, драг пријателе, ви благодарам многу, ценет претседателе, што заедно со нас го одржувате територијалниот интегритет на Србија, но и меѓународното право. Тоа е многу важно за Србија“, кажа Вучиќ.

Руската агенција пишува дека Вучиќ високо ја оценил соработката на Москва и Белград во, како што се наведува, „меѓународната арена“ и изнел очекувања дека двете земји ќе ја засилат соработката во економскиот сектор.

„Решивме многу конкретни прашања денес и се радувам на скора средба (со Путин) во Белград“, додаде Вучиќ.

Тој кажа дека очекува неговиот руски колега да ја посети Србија до крајот на годината.

„Да, секако“, одговори Вучиќ на прашањето на руската агенција дали Путин ја прифатил неговата покана, а на инсистирањето да каже кога таа посета ќе биде реализирана, претседателот на Србија кажа „Оваа година“.

MK News

Автор инфо

No comments yet.

Остави коментар

UA-33057274-1