Осумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата кои гласаа „за“ отпочнување на процесот за уставни промени, во петокот поднеле официјално барање до собранискиот спикер, Талат Џафери да формираат нова пратеничка група.
Како што Џафери ги извести координаторите на пратеничките групи на редовната понеделничка координативна средба, координаторот на „Независни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата За подобра Македонија“ е Елизабета Канческа-Милевска.
Новата пратеничка група со работата треба да почне од наредниот понеделник.
Премиерот Зоран Заев и министрите за надворешни работи и за правда, Никола Димитров и Рената Дескоска попладне ќе имаат средба со пратениците од новата пратеничка група. На средбата ќе се разговара за условите, односно насоките што ги дале осумтемина пратеници во писмото пред да гласаат за отворање на Уставот, како и за можноста за инкорпорирање на овие насоки во уставните амандмани.
Во новата пратеничка група освен Канческа-Милевска ќе бидат Владанка Авировиќ, Зеќир Рамчиловиќ, Емилија Александрова, Нола Исмајлоска Старова, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов.