Родителите и понатаму го користат ќотекот како метода за да ги смират нивните деца, покажува истражувањето кое беше спроведено неодамна за насилството врз децата. Евроамбасадорот во Македонија, Самуел Жбогар, вели дека ќотекот го нарекуваат „традиционален начин за дисциплинирање“, но родителите не размислуваат дека насилството влијае негативно врз однесувањето на нивните деца во иднина. Вели дека е алармантно што родителите толку многу го користат физичкото и психичкото насилство.
„Осум од десет родители го користат насилството како средство за дисциплинирање на нивните деца, што сметам дека е многу алармантно и загрижувачко, бидејќи е за многу пати поголемо од просекот во Европа“, вели Самуел Жбогар, амбасадор на ЕУ во Македонија.За таа цел Уницеф денес сподели интересно видео во кое на работилница за глума, група деца глумеа како родителите покажуваат љубов, како охрабруваат и како дисциплинираат.
Погледнете го видеото и споделете го:
Во Македонија денеска започна кампањата „ И родителството се учи“, која има за цел да ги советува родителите како да комуницираат со нивните деца.
Министерот за здравство, Венко Филипче, објасни со какви последици можат да се соочат децата кои претрпеле насилство.
Училиште за успешно родителство нема, но може да се научи. Педијатрите или домашните лекари исто така можат да им даваат одредени совети на родителите. Освен нив, и наставниците и психолозите во училиштата можат дадат стручна поддршка и совети за родителите, вели првиот човек на образованието, Арбр Адеми. Насилството врз децата е присутно во алармантни бројки и на светско ниво. Според податоците од Светската здравствена организација, секое 10-то дете во светот е предмет на сексуална злоупотреба, секое четврто е жртва на насилство, а секое трето дете е подложено на психичка злоупотреба.