Никола Груевски не му побегна на МВР. Тоа е фактичка состојба. Јас не говорам за префрлување на топка, туку за овој случај да видиме каде ни е поразен тој систем, за да може понатаму преку законски механизми, да не ни се случуваат вакви настани, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вчера во емисијата „Лица“ на 1ТВ.
Тој истакна дека деталите ќе бидат споделени со јавноста кога истрагата ќе биде целосно завршена, но и дека вината не ја лоцира во МВР.
-Има многу прашања кои можам јас лично да ги поставам, но сакам да заврши до крај истрагата и Јавното обвинителство да излезе и да каже зошто тоа се случи, рече Спасовски.
Тој посочи дека секојдневно добива закани по живот, но и закани за неговото семејство и неговите соработници.
-Ние поминавме тежок период, не само како семејство и како структура која влезе во МВР во период на ВМРО-ДПМНЕ на власт и во исто време да направиме се, да ги земеме сите материјали за да помогнеме на СЈО и да обезбедиме докази. Тука работевме сите заедно. Сите закани кои ни беа упатени, ни беа поголем мотив да истраеме во нашата битка, вели првиот човек на МВР.
Според Спасовски не е аргументиран предлогот за негова интерпелација, односно дека се работи за паушални кажувања.
-За мене нормална демократска постапка која може да биде покрената е интерпелацијата, јас ја доживувам како можност да поразговараме со пратениците. Имаме право на одговор, кој ќе го доставиме до пратениците на Собранието, јас сум присутен речиси на сите пратенички прашања со целосен респект кон Собранието. Факт е дека малку прашања ми поставиле. Сепак ова е една од алатките во демократијата и јас сум подготвен да одговорам на сите прашања. Тоа што денес го слушнав беа паушални кажувања, да се каже нешто како причина за поднесување на интерпелацијата, вели министерот за внатрешни работи во емисијата „Лица“ на 1ТВ.
Спасовски вели дека кај него не постоела амбиција да биде министер за внатрешни работи.
-Не постоела таа амбиција. Никогаш до сега не сум правел сметка што ќе бидам наредниот период, туку тоа што сум во одреден момент. Работев во општината со сиот мој капацитет и елан. И политичките и работни кариери се постигнуваат само со работа. Ако доаѓате наменски тоа трае кратко, посебно во политиката, работењето и создавањето на врските и другарството, тоа е најголемото богатство, кажа Спасовски.