Oбрезание Христово, Нова Година, Свети Василиј Велики
Tри празници во еден ден
(Именден празнуваат: Васил, Василка, Васка, Весела, Веселинка, Веска, Нове, Новка…)
На 1 јануари според стариот (односно 14 јануари според новиот) календар христијанските верници празнуваат три празници: Обрезание Господово, Свети Василиј Велики и Православна Нова Година.
Овој празник се совпаѓа со празникот на Свети Василиј Велики во народот најчесто е познат како Василица, а тоа најповеќе асоцира на обичаите и верувањата поврзани со Новата Година. Василица се паѓа во периодот на т.н. Некрстени денови, период што трае од Божик до Водици, кога според легендата Исус не бил крстен и ѓаволите се мачеле да го излажат да не се крсти и да не се исполни волјата божја.
Се верува дека овие денови за човекот се опасни бидејќи тогаш мртвите се во движење, разни вампири, караконџули, вештерки, самовили и други нечисти сили се активни и на сите начини сакаат да му напакостат. За заштита од овие негативни демони човекот во овој период избегнувал некои потешки работи, но изведува и разни магиски заштитни дејствија.
Особено познати се некои обичаи, како бабарските, русалиските и сл. од кои траги на почвата на Македонија се одржале до денес. Посебно интересна е една драмска игра со маски која се среќава на теренот на цела етничка Македонија, но секаде со различни имиња според имињата на учесниците во играта: во Охридско ‒ василичари, во Битолско ‒ бабари, во Скопско-џамалари, во Тиквешијата ‒ џаламари, во Разлошко-сурваскаре, во Костурско и други места во Егејска Македонија ешкари итн. Иако во повеќе места оваа драмска игра се играла во текот на сите дванаесет Некрстени денови, сепак, таа најчесто е поврзана со празникот Василица.
Постојат повеќе обичаи и верувања што се директно поврзани со започнувањето на Новата година. Тука во прв ред е прогнозирањето на среќата и напредокот на секој член од семејството како и на стоката и на земјоделските култури. Во загреана пепел или во нагорена црепна се ставаат зрна жито и во зависност од тоа колку ќе скокне зрното се гледа колку ќе има напредок во претстојната година. Исто така, во црепна се ставаат жарје и се покриваат со вршник, а потоа се гледа тие што се изгорени со бела пепел ќе имаат напредок, а тие што се изгаснати, црни јаглења, ќе доживеат болест и несреќа. На Василица во некои места месат и погача или баница со пара, како што тоа во повеќе места се прави на Бадник, и со тоа се прогнозира кој член од семјството ќе биде најсреќен. Според некои верувања на Василица секој требало да облече нешто ново за да го износи во текот на годината.